Земјите од еврозоната забележаа зголемување на инфлацијата од 10 отсто во септември, во споредба со претходната година, што е највисоко ниво од создавањето на еврото во 1999 година и се должи на драстичниот раст на цените на енергентите

Индексот на потрошувачките цени (ЦПИ) се зголеми за 10 отсто во септември, во споредба со 9,1 отсто во август. Во САД, цените се зголемуваат два месеца по ред, а американскиот ЦПИ се очекува да излезе во наредниот период.

Цените на сите артикли се зголемени, при што алкохолот и тутунот бележат пораст од 11,8 отсто, неиндустриските производи за 5,6 отсто, а услугите за 4,3 отсто. Во текот на септември, 10 од 19 земји од еврозоната имаа двоцифрена инфлација. Податоците на „Евростат“ покажуваат дека Холандија имала највисока енергетска инфлација во септември од 113,8 отсто, а потоа следуваат Белгија со 67,2 и Грција со 53,3 отсто.
Германската инфлација достигна ново 71-годишно ниво од 10,9 отсто во септември по истекот на владините мерки за ублажување на влијанието на енергетската криза.

Неодамна, Германија објави дека ќе позајми дополнителни 200 милијарди евра за ограничување на цените на гасот и електричната енергија, додека британската премиерка Лиз Трас предложи енергетски субвенции од 150 милијарди фунти (167,7 милијарди евра). Сепак, инфлацијата во Франција забави од 6,6 отсто на 6,2 отсто, која е најниска во блокот, благодарение на големите субвенции за сметките за енергија.

Министрите за енергетика на Европската Унија на 30 септември се согласија за воведување мерки, вклучувајќи и пет отсто задолжително намалување на максималната потрошувачка на електрична енергија, итни давачки за компаниите за фосилни горива и ограничување од 180 евра/мегават-час на цената на електричната енергија произведена од постројки што не користат гас како извор.