Илустрација/Архива/Фото: Игор Бансколиев

Стопанската комора на Македонија вчера повторно предупреди дека ако не се намали цената на струјата, македонската економија од темел ќе биде нарушена. Од комората бараат Владата најдоцна до петти октомври годинава, за кога е закажана седница на Економскиот совет, да донесе мерки што ќе го ублажат силниот ценовен удар. „Нова Македонија“ претходно неколкупати пишуваше дека сметките за струја во стопанството се зголемени и до шест пати, што го загрозува опстојувањето на фирмите.

Комората анкетирала повеќе од 1.600 правни субјекти што се наоѓаат на слободниот пазар на 30 септември годинава и врз основа на нивните кажувања добиени се следните сознанија.

Претпријатијата се наоѓаат во исклучително тешка состојба. Започнат е процесот на намалување на вработените, редуцирање на производството и на затворање на капацитетите. Ескалацијата ќе биде во наредните два месеца кога се склучуваат договорите за снабдување со струја за наредната година.

Оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат и умеат, фирмите бараат излез во враќањето на регулираниот пазар. Комората регистрира случаи на правно преструктурирање (делење на фирмите за да се исполнат условите за влегување на регулираниот пазар), што може да доведе до сериозни последици за сиот енергетски систем, исто како и за отпуштените работници, кои, иако дома имаат субвенционирана цена на струјата, нема да можат да ја платат.

СКСМ укажува дека без државна поддршка, 10-те најголеми потрошувачи на електрична енергија, кои имаат 6.000 вработени и приход од една милијарда евра, наредната година, според овие цени, би требало да платат половина милијарда евра, со што ќе се наруши нивната конкурентност и ќе се удри врз темелите на македонската економија.

Барањата се оправдани и економски издржани за да се зачува ценовната конкурентност на македонските производи, во услови кога за мегават-час Србија има цена од околу 100 евра, Босна и Херцеговина – 65 евра, Косово – 70 евра, Бугарија има поставена лимит-цена од 128 евра, износ над кој трошокот го покрива државата, Романија има цена од околу 180 евра, а Грција прогнозира максимално ниво на цена од 220 евра за мегават-часа, со субвенционирање на другиот дел од реалната вредност на цената на струјата. Е.Р