Уште над три милиони Американци бараат надомест за невработени

Повеќе од три милиони Американци минатата недела поднеле барања за исплата на надоместок за невработени, покажуваат најновите податоци на американската влада.
Најновите бројки наведуваат на заклучок дека бранот отпуштања ги зафатил и другите сегменти на економијата, покрај оние базирани на директен контакт со потрошувачите. Претходната недела, според ревидираниот податок на министерството, биле забележани речиси 3,85 милиони барања.
Од средината на март околу 33 милиони Американци побарале исплата на надомест за невработени.
Најновите податоци го поткрепуваат мислењето на економистите дека САД долго ќе закрепнуваат од последиците од мерките на карантин, кои беа воведени за сузбивање на пандемијата на коронавирусот и речиси целосно ја парализираа економијата.

Светскиот туризам би можел да потоне за 80 отсто до крајот на годината

Меѓународниот туризам е тешко погоден од пандемијата на коронавирусот, а до крајот на годината бројот на меѓународни туристички патувања би можел да се намали за дури 80 отсто, покажуваат процените на Агенцијата за туризам при Обединетите нации (УНВТО).
Во првото тримесечје бројот на меѓународни туристички пристигања поради пандемијата веќе паднал 22 отсто, односно за 67 милиони според новиот туристички барометар на УНВТО. Само во март е забележан пад од 57 отсто бидејќи многу земји воведоа ограничување на движењето и патувањата.
Падот на пристигања во првите три месеца од оваа година значи 80 милијарди долари загубен извоз, покажува истражувањето на УНВТО.
Агенцијата наведува дека состојбата во туризмот може само да се влоши. Ако ограничувањата на патувањата бидат укинати на почетокот на јули, бројот на туристи годинава би можел да се намали за 58 отсто, а ако бидат укинати на почетокот на септември, тој ќе падне за 70 отсто. Доколку ограничувањата се укинат до почетокот на декември, ќе има намалување за 78 отсто.

„Убер“ отпушта 3.700 работници

Американската компанија за услуги во превозот „Убер“ информира дека поради влијанието на пандемијата на коронавирусот врз работењето ќе мора да отпушти 3.700 работници, кои работат со полно работно време.
Во поднесокот до американската Комисија за вредносни хартии и берза, „Убер“ наведува дека планира „да ги намали оперативните трошоци во рамките на одговорот на економските предизвици и неизвесностите, кои произлегуваат од пандемијата на ковид-19 и нејзиното влијание на работењето на компанијата“.
„Убер“ има намера да отпушта работници во кадровската служба, како и од службата за корисничка поддршка поради намалениот број патувања.
Најавените откази ќе зафатат околу 14 отсто од вкупно 26.900 работници на „Убер“. Компанијата проценува дека поради планираните откази ќе има трошоци во висина од околу 20 милиони долари, поврзани со испратнини и други видови надоместоци. С.Т.