Компаниите вложуваат во вештачка интелигенција поради коронавирусот

Сè повеќе компании, најмногу трговските, поради спречување на ширењето на коронавирусот ги опремуваат своите надзорни камери со софтвери со вештачка интелигенција што можат да го следат почитувањето на епидемиолошките препораки, вклучувајќи ги и физичкото дистанцирање и носењето на маски.
Неколку компании објавија дека таквиот софтвер ќе биде клучен за тоа продавниците да останат отворени, бидејќи загриженоста за коронавирусот сѐ уште е присутна во светот.
Софтверот ќе им овозможи да им покажат не само на работниците и на муштериите туку и на осигурителите и регулаторите дека ги надгледуваат и спроведуваат епидемиолошките мерки.

Сепак, некои технолошки консултанти им советуваат на трговците да не ја воведуваат новата технологија во хаотично време и да не инвестираат во алатки што можеби ќе бидат потребни само кратко време.
Активистите за заштита на приватноста се загрижени поради сè подеталното следење на луѓето, па го повикуваат деловниот сектор да ја ограничи употребата на вештачката интелигенција само за време на пандемијата.

Германската влада предвидува пад на економијата за 6,3 отсто

Германската влада очекува економијата оваа година поради пандемијата на коронавирусот да падне за 6,3 отсто, најмногу од 1949 година, јавуваат германските медиуми. Најниската точка на наглиот пад на активностите веќе е достигната, проценуваат владините стручњаци во пролетниот извештај, кој би требало да биде објавен оваа недела. Во мај порастот ќе се стабилизира и повторно значително ќе зајакне во втората половина на годината, предвидуваат познавачите на состојбите.
Без оглед на значителната државна помош, се очекуваат голем бран на стечаи и три милиони невработени. Пресметките на стручњаците се дека даночните приходи ќе паднат за околу 82 милијарди евра.

„Ербас“ испраќа на принуден одмор над 3.000 работници

Европскиот производител на авиони „Ербас“ ќе испрати на принуден одмор околу 3.200 работници од постројките во Бротон во Велс, соопшти компанијата.
„Ербас“ ја соопшти досега најмрачната процена на штетата претрпена поради коронавирусот, во која на работниците им порачува да се подготват за потенцијално укинување на поголем број работни места и предупредува дека опстанокот на компанијата е доведен под знак прашалник доколку не се реагира веднаш.
На почетокот на месецот „Ербас“ започна со спроведување на програмата за отпуштање со исплата на државна помош, почнувајќи од 3.000 работници во Франција.