Франција ќе биде поделена на црвени и зелени зони во неделите во кои се олеснуваат мерките, потврди во средата премиерот Едуард Филип. Филип ги претстави плановите за следната фаза на мерките против коронавирус.

Сите административни региони во Франција ќе добијат црвен или зелен статус, што ќе зависи од три критериуми: бројот на новозаболени во изминатите седум дена, капацитетот на креветите во единиците за интензивна нега и ефективноста на локалното тестирање и следење на контакти.

– Црвената зона ќе значи дека мерките за релаксација ќе добијат построга форма – рече Филип, додавајќи дека наскоро ќе биде објавена мапа на сите зони.

Од почетокот на пандемијата во Франција има регистрирано повеќе од 169.000 случаи на коронавирус и речиси 24.000 смртни случаи, според универзитетот „Џонс Хопкинс“.