Илустрација: „Нова Македонија“

ХАШКИТЕ ПРЕДМЕТИ ЗА 2001 ГОДИНА НЕ СЕ ЗАВРШЕНА ПРАВДА

  • Четирите предмети за основани сомневања за сторени воени злосторства на ОНА му беа вратени од Хашкиот трибунал на македонското правосудство, а потоа политички беа запрени. Дали принципот на т.н. универзална надлежност (Universal Jurisdiction) може да стане нов пат до правдата за жртвите од 2001 година?
  • Дали постои можност македонските хашки случаи да добијат нов правен живот пред судови надвор од Македонија? Имено, меѓународното кривично право познава институт наречен универзална надлежност (Universal Jurisdiction). Овој принцип им овозможува на националните
    судови, под услови утврдени со нивното законодавство, да гонат лица осомничени за најтешки меѓународни злосторства иако тие се сторени на територијата на друга држава, а ниту сторителите ниту жртвите не се државјани на земјата што го води процесот

Постои едно нерешено прашање од конфликтот во Македонија во 2001 година, кое и по четврт век продолжува да стежнува на одговорноста на третата власт – македонското правосудство. Имено, ова се однесува на предметите со собрани документи поврзани со постоење основи на сомневање за воени злосторства поврзани со дејствувањето на ОНА, кои од Хашкиот трибунал беа вратени на домашно процесирање, а потоа завршија во политичката фиока на македонското собрание.

ОНА: Од Хаг преку ад акта, до институционален незаборав

Станува збор за четири предмети: „Раководството на ОНА“, „Мавровските работници“, „Липковската брана“ и „Непроштено“. Нивната правна историја е особено значајна. Во 2002 година, Хашкиот трибунал побара преземање на пет истраги поврзани со конфликтот. Во 2008 година, четирите предмети поврзани со основи на сомневање за извршени злосторства на припадници и раководители на ОНА му беа вратени на македонското обвинителство. Наместо нивно судско решавање, во јули 2011 година Собранието донесе автентично толкување на Законот за амнестија од 2002 година, со последица да се запре нивното понатамошно процесирање. Така, предмети што поминале низ меѓународна институционална постапка останаа без судска разврска.

Дали институтот универзалната надлежност (Universal Jurisdiction) е правен излез од судски ќор-сокак?

Дали постои можност овие предмети да добијат нов правен живот пред судови надвор од Македонија? Според нашиот соговорник, адвокат од Скопје со големо меѓународно искуство, одговорот на ова прашање заслужува сериозно разгледување.
– Меѓународното кривично право познава институт наречен универзална надлежност (Universal Jurisdiction). Овој принцип им овозможува на националните судови, под услови утврдени со нивното законодавство, да гонат лица осомничени за најтешки меѓународни злосторства, иако тие се сторени на територијата на друга држава, а ниту сторителите ниту жртвите не се државјани на земјата што го води процесот. Тоа не е само теоретска конструкција. На пример, во Германија, судот во Кобленц во 2022 година го осуди на доживотен затвор поранешниот сириски разузнавач Анвар Раслан за злосторства против човештвото извршени во Сирија. Предметот покажа дека националното правосудство може да процесира меѓународни злосторства извршени надвор од сопствената територија. Слични постапки се воделе и во други европски држави – вели наш соговорник адвокат.

Германија, Белгија, Холандија – можни адреси за правна иницијатива

Особено внимание заслужува германското законодавство, односно Законот за меѓународни кривични дела (Völkerstrafgesetzbuch). Тој предвидува широка надлежност за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, независно од местото на извршување.
– Да, точна е таа констатација. Меѓутоа издвојувам дека, сепак, германското обвинителство располага со дискреција да не постапува кога осомничениот не е во Германија и неговото присуство не се очекува. Токму затоа евентуалното присуство на осомничени лица на германска територија би било значаен фактор. Белгија и Холандија, исто така, имаат механизми за гонење меѓународни злосторства, но со посебни законски услови, ограничувања и правила за надлежност. Евроџаст (агенција на ЕУ што им помага на обвинителствата и судските органи на различни држави да соработуваат во борбата против прекуграничниот криминал, организиран криминал, трговија со луѓе и тероризам н.з.) во својот преглед на законодавствата на земјите членки на ЕУ потврдува дека универзалната надлежност не функционира идентично во сите држави. Во некои е неопходно присуство или престој на осомничениот, во други се бара претходно одобрение од надлежен орган. Оттука, првата конкретна задача би била изработка на компаративна правна анализа за избор на државите во кои постојат најсоодветни услови за отворање истрага – вели адвокатот.

Амнестијата не е исто што и судската вистина… или правдата

Автентичното толкување на Законот за амнестија од 2011 година произведе домашна процесна пречка. Но тоа не е исто што и судска постапка во која доказите биле испитани, обвинетите се соочиле со обвиненијата, а судот утврдил дали постои индивидуална кривична одговорност.
– „Амнести интернешнл“ уште во септември 2011 година предупреди дека ваквиот статус на таканаречените македонски хашки случаи ги остави жртвите без пристап до правда, вистина и обесштетување. Комитетот на ОН против тортура, исто така, изрази сериозна загриженост поради последиците од автентичното толкување и прекинувањето на постапките. Сепак, треба да се направи важна правна ограда. Имено, странскиот суд не е автоматски овластен да ја поништи македонската амнестија. Тој мора да ги испита сопствената надлежност, правната квалификација на делата, начелото ne bis in idem („не двапати за исто дело“, односно дека едно лице не може двапати да биде судено или казнето за истото кривично дело, ако веќе има правосилна судска одлука за него – н.з.), како и прашањето дали претходната домашна постапка претставувала вистинско судење. Токму тука би можела да се развие новата правна иницијатива – анализира нашиот соговорник.

Реален простор за истражување има во националните обвинителства и судови на државите, кои имаат законски воспоставена екстратериторијална или
универзална кривична надлежност за злосторствата што не застаруваат

Посебна тежина има фактот што македонскиот Кривичен законик, во членот 112, предвидува незастарување на кривичното гонење за воени злосторства и геноцид, како и за други дела за кои незастарувањето произлегува од ратификувани меѓународни конвенции. Македонија е наследник на договорниот статус на Конвенцијата на ОН од 1968 година за незастарување на воените злосторства и злосторствата против човештвото. Но незастарувањето не значи автоматска надлежност на странски суд. Потребни се соодветна кривичноправна квалификација, законска основа во државата што би постапувала и доволно докази. Затоа е неопходно повторно да се систематизира целокупната документација поврзана со хашките истражни материјали, сведочењата, форензичките наоди, податоците за исчезнатите лица, околностите на киднапирањата и индивидуалната одговорност на лицата што евентуално би биле опфатени со истрага. Не станува збор за колективна вина, ниту за однапред утврдена одговорност на која било етничка или политичка група. Станува збор за правото на секоја жртва на независна и непристрасна постапка.
– Ќе споменам малку за јавноста во врска со надлежностите на судовите во корелација со предметите на македонските хашки случаи. Имено, Меѓународниот кривичен суд во Хаг не е институција што денес може едноставно да ги преземе предметите од 2001 година. Неговата временска надлежност е ограничена со Римскиот статут, кој стапи во сила на 1 јули 2002 година. Затоа, настаните од 2001 година по правило се надвор од неговата временска надлежност. Ниту Европскиот суд за човекови права не може да ги преземе улогите на кривичен суд и да изрече казни за осомничени лица. Оттука, реалниот правен простор за истражување е во националните обвинителства и судови на државите што имаат законски воспоставена екстратериторијална или универзална кривична надлежност – вели нашиот соговорник. П.Р.


Европска правна иницијатива за четирите предмети

Постои правна опција, но се разбира дека е потребно да се отвори и правното прашање дали постојат услови за нивно процесирање надвор од земјата.
· Првиот чекор би бил независна меѓународна правна група составена од експерти за меѓународно кривично право, поранешни обвинители, адвокати и истражувачи.
· Вториот чекор би бил подготовка на четири посебни правни досиеја, со прецизна реконструкција на секој настан и идентификација на потенцијалните индивидуални одговорности.
· Третиот чекор би бил поднесување образложени кривичноправни претставки до обвинителствата во Германија, Белгија, Холандија и други правно соодветни европски јурисдикции, со барање да ги оценат сопствената надлежност и можноста за отворање истраги.
Ваквата иницијатива не би значела барање за политичка пресметка, туку барање за независна правосудна оцена на доказите и правните факти, образложува нашиот соговорник, адвокат од Скопје. П.Р.


Правдата нема етничка припадност

Како за крај на брифингот, нашиот соговорник исклучително го потенцираше својот став дека барањето на правдата не смее да се претвори во нова меѓуетничка конфронтација.
– Злосторствата против цивилното население, киднапирањата, мачењата и незаконските убиства, доколку бидат докажани, се прашања на индивидуална кривична одговорност, а не на колективна вина. Истото правно мерило мора да важи за сите страни во конфликтот. Македонија има обврска да не ги заборави жртвите, но и да не ја замени правдата со политичко толкување на историјата. Четирите хашки предмети не треба да останат само архивски документи од еден недовршен период. Тие заслужуваат независна правна анализа и одговор на прашањето дали постојат услови за нивно повторно отворање пред надлежен суд. Ако домашните институции не обезбедиле судска разврска, тоа не значи дека прашањето за индивидуалната одговорност мора засекогаш да исчезне од меѓународната правна сцена. Правдата можеби беше запрена во Македонија. Но дали навистина е затворена и последната правна врата во Европа? Тоа е прашање што македонската држава, жртвите и меѓународната правна јавност сè уште имаат право да го поставуваат – констатира на крајот од брифингот нашиот соговорник, адвокат со големо меѓународно искуство. П.Р.