Секако дека денес има возрасни луѓе што се сеќаваат на југословенскиот и хрватски мјузикл „Јалта, Јалта“ од 1971 година. Ако подзаборавиле, да ги потсетам на музичко-сценското дело изведено претпремиерно во Загреб на 28 декември истата година, кое веднаш стекна култен статус. Композитор беше познатиот Алфи Кабиљо, либретото беше на Милан Гргиќ, а режисерската палка му припадна на Владо Штефанчич. Претставата беше одржана во популарниот „Театар комедија“, а потоа стана вистински хит низ сите простори на Југославија. Приказната е сместена во февруари 1945 година, за време на историската конференција на големите сили победнички во Втората светска војна во јужниот кримски град Јалта. Во мјузиклот, местата на Сталин, Рузвелт и на Черчил ги заземаат нивните собари, кои пародиски стануваат кројачи на новиот свет. Авторите прават обид да му наметнат периферно значење на самитот на најголемите по толку многу милиони загубени човечки животи. Е сега, дали палатата „Ливадија“ во близината на Јалта е симбол за зелената ливада како што е „крстена“ на средбата на големите, а притоа се мислело на Антарктик, кој „единствен“ останал неподелен, може асоцијативно да се прифати. Патем, палатата „Ливадија“ е местото на епохалниот настан што се случил по Техеранската конференција од 1943 година. „Ливадија“ му била и резиденција на американскиот претседател Теодор Рузвелт. Денес ние сме сведоци на разгорување на војните во конфликтните подрачја, на напади со дронови и ракети врз Крим, кој по одлуката на Кримското собрание од 2014 година, референдумски ѝ се враќа на Руската Федерација.
Освен премиерата на „Јалта, Јалта“, сведоци бевме и на некои куриозитети во таа далечна 1971 година. Така, во Швајцарија на пример, жените добија право на глас, но не и во сите кантони. Катар добива независност од Обединетото Кралство, а имаме и војна меѓу Пакистан и Индија. Кина по толку години е примена како членка во Обединетите нации. Во продажба е пуштен првиот микропроцесор „интел 4004“, на Флорида свечено се отвора „Дизни ворлд“, а премиерно се прикажуваат филмовите „Пеколен портокал“, „Валканиот Хари“ со Клинт Иствуд, „Кучиња од слама“ со Дастин Хофман и други. Во музичкиот свет, своето помпезно учество го најавуваат „Квинси“ и „Иглси“. Од посебна важност е и Првиот светски конгрес на Ромите со ромско знаме и химна, а во Скопје се одржува фестивалот на забавна музика „71“ со учество на многу југословенски интерпретатори. На фудбалското ѕвездено небо на Гостивар и Маврово се појавува фудбалската екипа Мавровско Езеро, која подоцна гордо ќе им се спротивстави на дотогаш неприкосновениот аматерски првак на Југославија – Маврово, и на тимот во експанзија Силика. Причина за тоа беше што членовите на Мавровско Езеро, потекнуваа од гостиварската „бразил“ населба, Дутлок.
Чудно, навистина чудно суштество е човекот. Се воодушевува и навива по атрактивните та дури и СФ-филмски кадри од воените зони. Нема задни намери во описот доколку потајно посака уште слични интервенции. За жал, обземени од динамиката на темпото со кое живеат од изутрина до вечер, луѓето го бараат бегството од суровата реалност во излив на одмазда кон оние што не му се по волја. А тие, кутрите, ни криви ни должни, војуваат за којзнае чии и какви се не интереси. Некогаш во некои други времиња, дури и неколку човечки животи беа предмет на силни протести низ светот од страна на слободоумните. Не велам дека не се лажам и дека им верувам без дилеми на личните опсервации за реалниот свет, но чинам дека тоа беше вистината. Каде се денешниве слободоумни? Е па, ете. Низ Европа се, кренаа глава. Сепак, можеби се и свесни за значењето на поговорката „кучињата лаат, а карванот си врви“. И кога се вели дека искуствата се позитивни учители за во иднина, тогаш со сигурност треба и мора да се заклучи дека човекот ништо не научил загубен и заглибен во калта на беспоштедната трка по сопственото его и материјалната состојба значајни за опстанокот.
Јалта е подигната на местото на некогашна грчка колонија. Јасон е херој што тргнал во поход по Црно Море за да си го обезбеди престолот преку откривањето на фамозното „златно руно“. Руното било крилест златен овен по име Хризомал, кој бил симбол за кралски авторитет и легитимитет. Бродот со кој пловеле тој и неговата дружба го носел името „Арго“, по неговиот градител Аргус. Оттука и средбата на Јалта во 1945 година носела назив операција „Аргонаут“. Како и да е, иако станува збор за поделба на интересни сфери од страна на најмоќните, мирот се задржал долга низа години со повремени воени кампањи повторно од страна на моќните. Во секој случај, позитивна страна на средбата, освен поделбата, било формирање и зацврстување на Обединетите нации како институција од светски размери востановена за зачувување на мирот во светот. Суштински, секогаш значајните договори биле поставени на стаклен фундамент. Пред Јалта била конференцијата во Техеран како подготовка за „Аргонаут“, потоа договорите за ограничување на стратешкото вооружување САЛТ 1 (1972 година), како и САЛТ 2 (1979 г.) меѓу САД и СССР, па средбата меѓу Буш и Горбачов на Малта, односно на бродот „Максим Горки“ каде што е свечено објавено завршувањето на Студената војна само неколку седмици по уривањето на Берлинскиот ѕид…
Дали станува збор за потреба да се наруши договорот во даден момент со покажување мускули или тоа е всушност динамика на еволутивниот развој на човештвото, кој ги искривува развојните патеки до мера никој од потписниците да не се држи до договореното е прашање од милијарда долари? Како и да е, во моменти кога светот започна опасно да застранува од реалните патокази што водат кон сигурност, мир и просперитет, се случи Шенжен. По тројцата мускетари од некогашната Јалта 1945, преку козакот Горби и каубојот Буш во 1972 и Минхенскиот говор на Владимир Путин во врска со проблемите во источна Украина, на светот му беа понудени фотки од големата средба на новата голема тројка. Веднаш се роди надеж дека работите ќе тргнат кон помирни води и дека светот е повторно на ремонт. Се разбира, овој пат на теренот со нов голем играч што понуди квалитетен исчекор на големата шаховска табла. Си Џинпинг беше одличен домаќин и модератор што цврсто застана на тасот на разумот со цел ем да се спаси цивилизацијата од нуклеарна катастрофа ем светот да зачекори на патеката на прогресот. Општо позната работа е дека ваквите преговори во висок формат секогаш имаат мошне болно породување. Но како и да е, на светот веднаш му олесни. Дури и засилените судири што се случија дента и ден потоа, не беа трагично прифатени од јавноста. Средбата сепак влева надеж…
Љубомир Јованоски
































