Фото: Пиксабеј

ФБИ истражува можен хакерски напад врз национална база на податоци што ја користат полицијата и другите безбедносни агенции низ САД за споделување информации за кривични дела и осомничени, јави Си-eн-eн, повикувајќи се на извори од истрагата.

Станува збор за база на податоци на Националниот информативен центар за криминал (NCIC), еден од клучните информациски системи на американските безбедносни служби. Доколку упадот е потврден, тоа ќе биде втор безбедносен инцидент што ги вклучува системите на ФБИ во изминатите месеци.

Базата на податоци на НЦИЦ ја користат федералните, државните и локалните агенции за спроведување на законот низ САД. Во неа, тие складираат и разменуваат информации за налози за апсење, криминална историја на поединци и податоци потребни за спроведување безбедносни проверки.
Информацијата за можниот упад е објавена по неколку големи кибер и технолошки инциденти што ги загрижија американските претставници во текот на изминатата недела. Меѓу нив се глобалниот прекин на системите на „Мајкрософт“ и големите прекини во воздушниот сообраќај во САД.

Можниот упад во базата на НЦИЦ не е првиот безбедносен инцидент во кој е вклучено ФБИ оваа година. Во септември, хакерската група Шајни хантерс (ShinyHunters), позната по дигитална изнуда, упадна во веб-страница што ФБИ ја користи за регрутирање нови вработени. За време на тој напад, податоците за сегашните и поранешните вработени во ФБИ беа компромитирани.