Крајот на минатата недела ни ја донесе посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Скопје, од каде што ни порача дека оваа недела се очекува да се направат некакви чекори за одблокирање на македонските евроинтеграции.
Вака, на прво слушање, човек да помисли дека можеби нешто се случува „под радарот“, министерот Муцунски ќе оди во Софија деновиве, ќе бара средба со неговата бугарска колешка, којзнае што може да излезе.
Арно ама официјална Софија е крајно „добрососедски“ настроена кон нас, па откако викендов со голема помпа ги вдоми коските за кои Грците ги убедија дека се од цар Самуил, веднаш ни врати дека нашите евроинтеграции не се само уставните измени туку ќе треба и судските предмети што се водат пред македонските судови да бидат по бугарски вкус.
Чудно е земја што речиси две децении е во ЕУ да не разбере дека судовите секогаш треба да судат по закон, а не по нечиј политички диктат. Па, тоа е основата на една правна држава. Или можеби тоа поглавје го прескокнаа оти ЕУ брзаше да ја прими поради геостратешки интерес?
Европската комисија со години ја следи состојбата со македонското правосудство и секој октомври ни дава извештај во кој обично констатира немање значителен напредок, но тие оценки се однесуваат на системски прашања – независноста, ефикасноста, реформите, борбата против корупцијата и квалитетот на институциите. Не постои европски принцип според кој Брисел треба да одлучува како треба да заврши конкретен судски предмет.
Но намерата од бугарска страна е сосем поинаква. Кога Бугарија ќе земе конкретен предмет и ќе го претвори во аргумент дека Македонија наводно ги прогонува оние што се изјаснуваат како Бугари, од една судска постапка се создава политичка слика за цела држава.
Тоа не е исто што и европскиот мониторинг на владеењето на правото. Ако постоеше системска дискриминација врз Бугарите во Македонија, тогаш тоа одамна ќе беше утврдено со факти, институционални извештаи и европски механизми, а не со политичка интерпретација на неколку индивидуални случаи во минатото.
Сега повторно се користи конкретен случај за да се отвори поширока политичка тема за Македонија. Но ако европскиот принцип е еднаквост пред законот, тогаш чија било етничка припадност не може да биде пропусница ниту за обвинение ниту за ослободување. Ако некој го прекршил законот, треба да одговара. Ако не го прекршил, треба да биде ослободен. Ако му се повредени правата, треба да има правна заштита.
И сето тоа треба да важи без оглед на тоа како се чувствува, како се изјаснува или каков пасош поседува. Токму тоа е европскиот стандард.
Затоа Бугарија, како членка на Европската Унија, треба да биде прва што ќе инсистира индивидуалните судски предмети да останат во рацете на судовите, а не во рацете на политичарите, уште помалку на бугарските политичари што на секое судско рочиште се појавуваат во македонските судови.
Вака, според бугарската логика, ако секоја пресуда треба да биде прифатлива за друга држава за да не стане пречка за европската интеграција, тогаш повеќе не зборуваме за независно судство, туку зборуваме за судство под политички услов. А токму тоа е спротивното од европското владеење на правото.
И тука Софија би требало да биде особено внимателна со европските принципи.
Зашто ако од Македонија се бара да ги почитува пресудите, човековите права и владеењето на правото, истиот критериум, дури и многу повеќе треба да важи и за земјите што веќе се членки на ЕУ. Што треба да каже Европската комисија за пресудите на Европскиот суд за човекови права што не се спроведуваат? Што треба да каже кога земја членка не ги исполнува обврските што произлегуваат од одлуките на европските институции, на пример на Меѓународниот суд на правдата во Хаг?
Ако непочитувањето на таквите одлуки е проблем за владеењето на правото, тогаш проблем е без оглед на тоа дали државата е кандидат или членка. Европското право не е мени од кое членките избираат што ќе почитуваат, а кандидатите што ќе мораат да исполнат.
Ако Бугарија бара Македонија да биде европска држава, тогаш најпрво треба да прифати дека европските правила не завршуваат на македонската граница, туку тие важат и за неа. И уште поважно, ниту една бугарска влада, ниту еден бугарски политичар, ниту една бугарска институција не може да има поголема власт над македонскиот суд од самиот закон.
Зашто во спротивно тоа веќе не е владеење на правото, туку тоа е право на политички притисок.































