Ние што сме израснале во куќи и ден-денес паметиме кога уште во мај или на почетокот на јуни ќе дојдеше камионот со дрва. Како што мајсторот ќе го изгасне моторот и како што ќе издиши воздухот од сопирачките, како што ќе прокапат на асфалтот првите капки масло од моторот, почнуваше комшиската дружба. Од никаде, одеднаш ќе се собереа десетина другари за да помогнат за растоварање.
Откако набрзина ќе ги нафрлавме трупците во дворот, следуваше итен телефонски повик до пилачот, кој ја покриваше целата населба и доаѓаше веднаш со ремоделираниот „трабант“, претворен во машина за сечење дрва. Ќе ги спискаше трупците за еден час со цикличен иритантен звук, потоа ќе го откачеше каишот од сечилото, ќе ги стуткаше паричките во џеб и онака, во кабрио-верзија на „трабантот“, тргнуваше на нов повик. А ние, млади и неискусни, но полни со сила, почнувавме со цепење дрва. Постарите ќе удреа еднаш-двапати за да ни покажат како се цепи, па потоа ќе си седнеа под сенка да фаќаат сеир. Ама стара школа, имаа некоја чудна техника, без многу напор ќе го удреа дрвото, а од него ќе се разлетаа парчињата на сите страни. Ние удирај, мавај, заглавувај ја секирата, се мачевме, ама не губевме волја. Со другарски зафрканции, со смеа, не ни беше важно ништо. Знаевме дека дрвата ни стигнаа, за два-три дена ќе ги исцепиме и нема зошто да се грижиме, огнот ќе ни гори, па каква сака нека биде зимата.
Сега кога се потсетувам на тие времиња, всушност ми текнува на нашите родители, кои биле свесни дека сами треба да си обезбедат греење, да си направат зимница, да си го наполнат фрижидерот со месо и други потрепштини, да си купат брашно за секакви времиња, да направат вино и ракија, па и да имаат понекоја туба газија оти и струја знаеше да снемува. Сфаќам дека сите тие си ја подготвувале сопствената независност и функционалност за секакви услови.
Таа нивна филозофија денеска не само што се покажува како исправна туку и неопходна. Во време кога низ светот беснеат војни, кога никој не знае дали Ел Нињо ќе ни донесе топла или студена зима, дали уште некој теснец ќе биде затворен, дали нафтата ќе поскапи поради некој нов напад или изјава, државите треба да се потпираат на она со што располагаат сами. А најважна е енергијата.
Без сигурна енергија нема стабилна економија, нема сериозна индустрија, нема инвестиции, а на крајот нема ниту вистинска политичка самостојност. ЕУ сега бара од нас да ја исполнуваме европската зелена агенда, а ниту нè прима, ниту, пак, кажува што мисли да прави со нас. Дури ни патоказ не ни дава. Токму затоа нашата енергетска политика не смее да биде само прашање на исполнување европски правила, туку таа е прашање на опстанок и развој на државата.
Вака гледано, ние навистина сме во тесно. Од една страна, од нас се бара забрзано усогласување со европската зелена агенда и постепено напуштање на фосилните горива, од друга страна, ние сè уште немаме ниту финансиски, ниту инфраструктурни можности како најразвиените европски држави да влегуваме во зелените европски филмови.
Имаме сонце, ама зиме толку е загаден воздухот, што не го гледаме. И ветерот е бесплатен, ама кога треба да ја растера маглата, ниту него никаде го нема. Имаме и вода, но за што попрво да ја чуваме. И кога ќе ги немаме овие обновливи извори на енергија, мора да имаме резерва. И тоа квалитетна резерва.
Тука е суштината на целата приказна што ја раскажав погоре и за дрвата и за цепењето и за редењето.
Не е спорно дека Македонија треба да биде почиста и позелена. Спорно е дали можеме да си дозволиме да го правиме тоа без да обезбедиме што ќе биде утре. Европа самата денес се преиспитува дали може во планираниот рок да ја оствари зелената транзиција. Затоа нуклеарната енергија повторно добива место во европските енергетски стратегии, а земјите членки бараат поголема енергетска сигурност и флексибилност. Италија најавува враќање на нуклеарките, Германија исто, Франција никогаш не се откажа од нив.
Затоа и ние не треба да изигруваме поголем папа од папата и да си се потпреме на она што реално го имаме. Ако Брисел може да преиспитува, да менува рокови и да бара нови решенија кога реалноста ќе го наметне тоа, тогаш и Македонија мора да има простор да ја приспособи транзицијата на сопствените услови. Особено затоа што нашите енергетски инвестиции не се за една година.
За изградба на хидроцентрали, гасоводи, когенеративни централи, модуларни реактори и слично требаат време и пари. А ние денес не знаеме дали и кога ќе станеме членка на ЕУ. Тогаш е сосема разумно да се прашаме: како да носиме одлуки за следните 30 години, ако правилата според кои треба да ги носиме тие одлуки можат да се сменат уште утре?
Ова не значи дека треба да се откажеме од европскиот пат, туку значи дека треба да мислиме со своја глава и да постапуваме како нашите родители, дедовци и баби, односно сами да си ја обезбедуваме иднината и да не зависиме од другите. Тоа треба да биде македонската енергетска политика наместо да бидеме нечиј енергетски трабант.
Да имаме доволно струја кога ни треба, да имаме разумна цена за граѓаните и индустријата, да не зависиме од еден гасовод, една централа или од една држава. И паралелно со тоа постепено да го намалуваме загадувањето. Тоа е зелената транзиција што има смисла наместо веднаш да затвориме сè, па после да се чешаме.
Како што секој домаќин сака да има нешто во оставата за зимата така и една држава мора да има сопствена енергетска резерва, сопствено производство и сопствен план. Зелената иднина може да биде европска, но енергијата што ќе нè однесе до неа мора да биде доволно сигурна за да можеме сами да си избереме по кој пат ќе одиме. А ако ја следиме филозофијата на нашите предци, патот е веќе трасиран, само треба да учиме од нивните примери како се обезбедува иднината на едно семејство, на едно општество, на една држава.
































