„Федра – Антропологија на една желба“ во Драмскиот театар
Драмскиот театар премиерно го изведе диптихот „Федра – Антропологија на една желба“, во режија на Дино Мустафиќ, театарски проект што во една вечер ги соочува „Федра“ на Жан Расин и „Љубовта на Федра“ на Сара Кејн. Две драми што ги делат векови, јазик и поетика се среќаваат околу истата човечка пукнатина: моментот кога желбата станува посилна од разумот и човекот повеќе не може да се скрие од она што навистина го посакува.
– Што останува од човекот кога желбата ќе стане посилна од него самиот? е прашањето од кое Мустафиќ тргнува во своето читање на Федра. Него не го интересира реконструкција на еден далечен митски свет, туку непосредното соочување на трагедијата со современиот човек. Во неговата режисерска концепција желбата е сила што може да биде извор на слобода, но и почеток на падот; сила што може да нè доближи до другиот, но и целосно да нè изолира – пишува Мустафиќ во режисерската белешка.
Во центарот на целиот диптих е првенката на Драмскиот театар – Скопје, Јелена Жугиќ, која ја толкува Федра и кај Расин и кај Кејн, градејќи две радикално различни сценски лица на една иста жена.
– Крајно возбудливо беше да се работи еден ист лик во два комплетно различни текста со две различни идеи, кои се преклопуваат само во една точка: во општество што се плаши од емоција, ликот на Федра станува субверзивен и политички некоректен – вели Жугиќ.
Нејзиното читање на ликот го сумира во три едноставни реченици: „Федра има право на живот. Има право на желба. Има право на љубов“.
Во Расиновата „Федра“, драматуршкото читање на Александра Бошковска ја поместува хероината од просторот на митската фаталност кон интимната и општествената стварност.
Во оваа претстава, Тезеј го толкува првенецот на Драмскиот театар – Скопје, Дејан Лилиќ. Неговиот Тезеј е човек заслепен од моќта, статусот и привидот на сопствената правичност, кој предоцна ја согледува празнината што ја создава отсуството на емпатија и љубов.
– Во животот често ги промашуваме вистинските вредности. Попатно не успеваме да ги препознаеме суштината и содржината, а со тоа и самата вистина. Си играш Бог, а потоа почнуваш да веруваш дека тоа навистина и си, дека по некаква заслуга ти припаѓа правото да наредуваш и да одлучуваш за другите.
Слепилото од сјајот на материјалното не ти дозволува да погледнеш подлабоко во суштината и содржината. Се возиш на бранот на бижутеријата, убеден дека си среќен и, пред сѐ, правичен, за на крајот да стигнеш до празнината во која остануваш сосема сам. Емотивен инвалид. Без емпатија. Без љубов. Без себе. Без никој друг. А ако љубов немаш, ништо не си – вели Дејан Лилиќ, кој го игра Тезеј во „Федра“. С.Ј.































