Од ракометното минато (38)
- Во натпреварувачката сезона 1966/67, екипата на Борец по триумфот во Македонската лига низ квалификациите стана прволигаш. Работнички не ги оствари посакуваните резултати
По многу години, актерите на ракометната сцена се сменија. Откако испадна од Првата лига, екипата на Работнички не успеа да се соземе и брзо да се врати во елитата. Такви беа посакувањата на раководството на клубот и на ракометарите, но наместо нив, на сцена стапија ракометарите на Борец од тогашен Титов Велес и го освоија шампионатот на Македонија. Така, Работнички не само што не ја освои титулата туку западна во едно сивило што траеше повеќе од шест години. „Железничарите“ никако не можеа да се вратат на старите позиции и полека, не само што го загубија приматот како најдобра екипа во Македонија туку никако не можеа да закрепнат и се загубија на ракометната сцена. Сега дојдоа некои нови екипи, кои трпеливо работеа и го чекаа своето време. Борец, кој беше предводен од еден од најдобрите македонски ракометари, поранешен играч на Работнички, Милорад Миле Кратовалиев, прв ја искористи шансата што му се укажа.
Тој со искуството што го имаше настапувајќи во Првата југословенска лига го искористи моментниот играчки потенцијал на Борец и стана шампион на Македонија. Но она вистинското што го очекуваа Кратовалиев и Борец беа квалификациите за влегување во елитното друштво. Дел од атмосферата што владееше во Титов Велес ќе пренесам од кажувањата на легендарниот Тодор Мијаков, кој беше прогласен за најуниверзален спортист на градот на минатиот век. За да се види каков ас беше Мијаков ќе потврдат и овие податоци: тој почна како кошаркар, оттука го доби и прекарот Кошот, потоа беше извонреден фудбалски голман, одбојкар и врвен ракометар. Нема сомнение оти Мијаков останува еден од најпознатите спортски личности не само на Велес туку и во Македонија. Затоа, неговите кажувања за спортот и за времето во кое тој бил активен имаат големата специфична тежина. Јас, пак, имав можност сето она што Мијаков го имаше доживеано на спортската сцена изворно да го слушнам од него во текот на снимањето ја емисијата посветена на македонските спортски легенди.
Трет настап и трета среќа во квалификациите
Кога Борец третпат стана ракометен шампион на Македонија, симпатизерите на клубот според она народното веруваа во „трета среќа“. По неуспешните две претходни квалификациски битки, конечно во третата, и тоа пред своите гледачи, Борец успеа.
– Тоа беше едно незаборавно време, Цел град вриеше во очекување на големиот ракометен спектакл во таа 1967 година. Немаше друга тема за дискусија, ракометот беше главен, само за него се зборуваше. Чувствувајќи ја сета таа атмосфера во градот и во Македонија, ние играчите бевме подготвени да согориме на теренот, само да успееме. Инаку, во тоа време, пред овие квалификации јас бев главно посветен на одбојката, дури од Вардар за квалификациите за Прва лига донесовме две големи засилувања, Митровиќ и Божиќ-Цегер. Но и тие не помогнаа и не станавме прволигаши, па затоа овој пат сите очи беа вперени кон ракометарите на Борец. Имавме одличен тим, па добро ќе биде да потсетам на некои од имињата, Кирков и Гигов беа на голот, а од играчите да ги споменам Гајдов, кој стана и југословенски репрезентативец, потоа Клинчаров, браќата Васкови и двете засилувања Пеце Димитровски од Битола и Славе Атанасовски-Чаве од Скопје. Тука бев и јас, а најсилното оружје се криеше во Кратовалиев. Единствено бевме загрижени од фактот дали тој ќе може да одговори на двете работи, да биде тренер, а истовремено и играч – велеше Мијаков во споменатата емисија што одеше неколкупати на програмата на Наша ТВ.
Низ разговорот, Мијаков нѐ врати малку назад на претходните два квалификациски настапа за влегување во Првата лига. Во првиот во Риека велешаните во решавачкиот натпревар беа поразени од Црвенка, а во вторите квалификации што се одржаа во Лесковац, инаку познат ракометен центар во тоа време, Борец беше поразен од респектабилниот тим на Дубочица. Инаку, лесковчаните долго време беа присутни на југословенската сцена и ретко се случуваше да испаднат од елитната лига. Доколку тоа, пак, се случеше беа подготвени веднаш да се вратат меѓу порволигашите, зашто едноставно и традицијата го наложуваше тоа.
– Но и овој втор неуспех не нѐ обескуражи, туку напротив, нѐ разлути наострени да чекаме нова шанса во некоја следна пригода, се разбира ако таа ни се укаже да ја искористиме и конечно да успееме. Бевме уверени во сопствените сили и кога дојде тој момент, во третиот обид Борец успеа и стана прволигаш. На радоста ѝ немаше крај, славеше цел град и би рекол цела Македонија. Нашиот успех со големо задоволство и радост беше примен не само од љубителите на ракометот туку воопшто на спортот – продолжи Мијаков.
Ракометниот бум го смени животот во градот
Овој успех на ракометарите на Борец дојде како резултат на квалитетот на играчите, но можеби повеќе и поради другарството што владееше во клубот. Многумина велешани кога ќе почнеа муабет за спортот, особено за ракометот, знаеја да кажат: „Мораше да има успех, тоа го очекувавме, зашто гледавме дека играчите сите дишат како еден“. И навистина беше така, резултатот, впрочем, тоа го покажа. Да се стане прволигаш во една силна југословенска ракометна конкуренција претставуваше голем успех.
– Во првата сезона им покажавме на сите оти не случајно сме во елитата. Во првиот дел бевме постојано на 4. или 5. место на табелата, пласман што гарантираше сигурен опстанок. Но, сепак, постоеше страв, поради неискуство да ги загубиме овие позиции и во пролетниот дел од шампионатот да се најдеме подолу на табелата. Бевме свесни дека сите ќе атакуваат на нас и ќе им бидеме прва цел за испаѓање. Но не се предававме, иако имавме и тешки моменти, успеавме да ги надминеме и крајот од првенството го дочекавме на солидното осмо место, кое за еден новолигаш беше вистинска премија. Сите бевме задоволни, а што е битно и нашите навивачи, кои секогаш ги исполнуваа трибините покрај ракометното игралиште, веднаш до фудбалскиот терен. Нивната поддршка многу ни значеше и нѐ охрабруваше. Едноставно знаевме за кого играме. Тоа беа игри за нашите сограѓани, за целиот град во кој по нашето влегување во Првата југословенска лига се сменија многу работи. За нас ракометарите најголемо задоволство беше кога по победите ќе ги погледневме озарените лица на навивачите. Впрочем, тоа е и улогата на спортот, да создаде пријатен амбиент во градот, а тоа можеше да се стори само со победи – продолжи во емисијата Мијаков.
Почнаа роварења
Како што често се случуваше во нашата средина, и тогаш се случи нешто во Борец што ја разниша атмосферата. Меѓу народот, особено во спортските кругови, познат е зборот роварење. Секогаш, ако нешто не ти е по ќеиф, почнуваш да ровариш и да ги расипуваш атмосферата и кохезијата. Токму тоа се случи во Борец. Некому не му се допаѓаше Кратовалиев, па реши одоколу да ровари и да го принуди самиот тој да си оди.
– Штета сите овие роварења се случија, кога во следната година очекувавме уште подобар пласман и зацврстување на нашата позиција во прволигашката конкуренција. Но, ете, се случи тоа, Кратовалиев си замина и колата почна да оди надолу. Она што ни се случи беше и очекувано, по сите тие премрежиња во Борец, ние по само две години испаднавме од Првата југословенска лига. Тоа беше голем удар за спортски Велес, зашто со испаѓањето заврши и комуникацијата со најсилните ракометни екипи од државата, која, пак, само по четири години од блесокот на Борец, на Олимпијадата во Минхен во 1972 година, го освои златниот медал. Тоа е уште еден доказ во колку силна лига сме се натпреварувале, јас и моите другари – ми велеше Мијаков.
Инаку, во убавиот период на Борец, кога на ракометната сцена се појави и легендарниот Пепи Манасков, екипата настапи и во финалето на југословенскиот куп. Меѓутоа, овде налета на можеби најсилниот тим во Југославија во тоа време, Партизан од Бјеловар, и поразот беше неминовен. За тимот на Партизан настапуваше еден од најдобрите југословенски, па и европски ракометари, Хорват. Против една таква екипа, која во своите редови има еден играч од светска класа, ретко кој противник можеше да се спротивстави. Впрочем, за квалитетите на Партизан и не треба многу да зборуваме, доволно е да кажеме дека тој беше и европски првак.
– За поразот во финалето немаше некое големо разочарување. Впрочем никој и не очекуваше да направиме сензација и да го совладаме Партизан. Тоа ќе беше вистинско чудо. Бјеловарчаните беа пресилни и за многу поискусни ривали од Борец – рече меѓу другото во емисијата за легендите, најуниверзалниот спортист на Велес во минатиот век, Тодор Мијаков.

































