Што донесе првата демократска промена на власта во историјата на Македонија? Победничката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Демократска алтернатива првично се договори со Демократската партија на Албанците, помалиот партнер на сеалбанската коалиција од изборите во 1998 година. При заедничкиот настап на двете етнички партии, ПДП, како поголем партнер, освои 14 пратеници, а ДПА, пак, доби само 11 мандати. Изборот на ДПА падна поради нивниот заеднички опозициски стаж со ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 1994 до 1998 година. Иако мандатарот Љубчо Георгиевски му понуди симболично учество и на ПДП во власта, Абдурахман Алити, лидерот на партијата, со индигнација ја отфрли оваа понуда и одлучи да отиде во опозиција.
Во однос на македонско-албанските односи, новата коалиција веднаш ќе направи неколку сериозни демократски пробиви. Прво, ќе дојде до амнестија за учесниците во јулските настани од 1997 година, па ќе излезат од затвор градоначалниците Руфи Османи и Алајдин Демири, како и претседавачите на советите во Тетово и Гостивар, но и други Албанци осудени за политички деликти (од учесници во случувањата околу основањето на тетовскиот универзитет, па сѐ до членови на насилни националистички, енверистички и слични групи). Иако пратеничката група на СДСМ ќе излезе со жестоки дискусии во Собранието против предложениот закон за амнестија, сепак овој потег ќе помине без посебни потреси во јавноста, но и нема да го наруши рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, кој тогаш се наоѓаше на историско највисоко ниво. Далеку поголемо изненадување ќе предизвикаат именувањата на функционери од ДПА во најосетливите институции од сферата на одбраната, јавната безбедност и разузнавањето. Дотогаш најголем пробив во оваа сфера ќе биде изборот на Назми Малиќи од ПДП за заменик-министер за одбрана, кого веднаш ќе го наследи Рефет Елмази од ДПА во новата коалиција. Но владата на Љубчо Георгиевски значително ќе ги зголеми именувањата на функционери од коалициската ДПА во овој сектор, како по ширина така и по длабина, а во силовите институции ќе дојде и до вработување на далеку поголем број Албанци. Ова ќе претставува сериозен исчекор во сферата на градење доверба кон институциите и унапредување на меѓуетничките односи. Се разбира дека сите овие процеси ќе поминат со типичните македонски (односно балкански и посткомунистички) искривоколчувања, па на најголемиот дел од политичките функции ќе дојдат класични партиски послушници и апаратчици наместо личности со политичка тежина и личен интегритет (како што ќе беше далеку посоодветно при еден ваков осетлив период на градење заемна доверба), а при вработувањата во полицијата, војската и во разузнавањето нормално далеку позначајни ќе бидат личните, партиските, роднинските, кумовските и другите израсипани причини отколку самите законски пропишани критериуми, но и основните морални норми. Но тука опозицијата нема да има преголем простор за критика затоа што и претходно (а, и потоа) Македонија ќе страда од истите општествени болести. ДПА ќе го круниса овој нивен успех кога Рефет Елмази ќе стане прв заменик-министер за внатрешни работи.
Новата коалиција, под покровителство на високиот комесар за малцинства на ОБСЕ, Макс ван дер Штул, ќе го отвори и прашањето за воведување високо образование на албански јазик. Овој процес на крајот ќе доведе до отворање на Универзитетот од Југоисточна Европа, разговорно тогаш нарекуван Штулов универзитет. Во својата основна замисла овој универзитет требаше да биде своевидна институција за интеграција на македонското општество, со врвна универзитетска настава на албански, македонски и на англиски. Таа цел ни до ден-денес не е постигната, меѓутоа, за политичкиот процес во државата институционалното значење на Универзитетот од Југоисточна Европа ќе биде тоа што ќе воведе настава и на албански јазик во високото образование, со што оваа тема конечно ќе се тргне од политичкиот дневен ред. Покрај тоа, властите одлучија веќе да не ја попречуваат работата на Државниот универзитет од Тетово. Усвојувањето на измените за Законот за високо образование и на другите прописи со кои ќе се овозможи настава на албански јазик на универзитетско ниво повторно нема да доведе до внатрешни потреси во ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што главните протагонисти на студентските протести од 1997 година ќе бидат на високи партиски и државни функции токму во овој период.
Третиот голем процес што го иницира владата на Љубчо Георгиевски беше обидот за големо преобмислување на локалната самоуправа и влез во суштинска децентрализација на државата. За таа цел беше изработена сериозна стратегија во времето на министерувањето на Џемали Саити од ДПА, актуелен судија во Врховниот суд. Веројатно никогаш нема да дознаеме кои беа идеите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДПА во сферата на децентрализацијата затоа што кобната воена 2001 година ја спречи практичната примена на стратегијата. Тогашните врвни политичари од овие две партии тврдат дека целта била и далеку посериозна отколку актуелниот степен на децентрализација каде што се стигна по рамковниот договор. Интересен куриозитет е тоа што тогашниот министер за финансии од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ќе даде изјава дека за Македонија ќе биде далеку покорисно да се врати претходната територијална поделба со 34 општини и Градот Скопје, со што ќе се овозможи новите децентрализирани општини да бидат економски одржливи целини, а тогашниот гласноговорник на опозициската СДСМ, Владо Бучковски, ќе го критикува дека така ќе ги загрози Македонците во западниот дел од Македонија, кои ќе станат „малцинство во сопствената држава“. На дебатите околу референдумот од 2004 година улогите ќе се променат, но тезите ќе останат горе–долу исти.
Сите овие големи потези, како и некои други премолчени мерки (владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, на пример, ќе се однесува далеку поопуштено кон прашањето за знамињата, симболите и употребата на јазиците) ќе бидат несомнен демократски пробив во сферата на меѓуетничките односи и ќе придонесат кон градење на довербата во државата. Наедно, тогаш опозициските СДСМ и ПДП ќе се најдат затекнати од овие потези и ќе имаат сериозен проблем како да изнајдат алтернативна политика. СДСМ првично ќе отиде во националистичкиот простор околу албанското прашање, место што од почетокот на повеќепартискиот систем „природно“ му припаѓаше на ВМРО-ДПМНЕ. Љубчо Георгиевски „великодушно“ му го препушти запаливиот популизам на Бранко Црвенковски, па тој ќе стане гласот на „загрозените Македонци“. ПДП, пак, ќе мора сериозно да си го преиспита своето дотогашно дејствување затоа што токму прашањата што тие ги дефинираат уште од зората на демократијата сега ДПА ги добива буквално на тацна од ВМРО-ДПМНЕ. Претходно во периодот од 1992 до 1998 година СДСМ нив ги убедува дека уште не е време за такви исчекори поради националистичката закана од ВМРО-ДПМНЕ, па ПДП како партија на власта се движи со брзина на полжав во освојувањето на политичките права за Албанците во Македонија во периодот помеѓу 1992 и 1998 година. Исто така, со националистичкиот исчекор на СДСМ по 1998 година се создава јаз што ќе оневозможи продлабочена опозициската соработка помеѓу нив и ПДП. Со што, впрочем, ќе излезе Партијата за демократски просперитет пред избирачите од албанска националност кога нивниот потенцијален коалициски партнер тврди дека ќе ги отповика мерките усвоени од владината коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, особено околу употребата на јазикот, симболите, учеството на Албанците во јавната администрација и така натаму? Меѓутоа, ПДП ќе се судри и со еден далеку поголем проблем, кој на крајот целосно ќе ја истошти партијата и ќе ги турне нивните активисти во редовите на новата политичка сила, ДУИ, по 2001 година.
За жал, покрај овие значајни демократски пробиви, во периодот помеѓу 1998 и 2001 година ќе се случат и некои од најголемите злослутни понори во историјата на современата македонска демократија. Досега во овој текст извлеков само еден сегмент од владеењето на новата коалиција по 1998 година, но невозможно е да се разбере периодот без да се гледа целата состојба во целина. Во 1999 година ќе дојде до интервенција на НАТО, предводена од САД, врз Сојузна Република Југославија. „Колатерална штета“ на тримесечното бомбардирање, за жал, ќе бидат и меѓуетничките односи во Македонија. Но тоа ќе биде предмет на посебно поглавје од овој серијал. Засега е доволно да се земе само еден сегмент. По завршување на бомбардирањето, САД ќе се наметнат со најдиректно воено, дипломатско и разузнавачко присуство во регионот. За американската дипломатија, по завршувањето на конфликтот, беше клучно да се зачува постигнатиот modus vivendi во овој дел на Балканот. Како што веќе дискутирав, токму во тој момент СДСМ го зазема националистичкиот простор на македонскиот политички спектар, па Американците немаа трпение да се занимаваат со нов актер на Балканот. За нив, можноста Тито Петковски да биде избран за претседател на Македонија значеше нарушување на постигнатиот еквилибриум. Есента 1999 година, за американската администрација, ВМРО-ДПМНЕ и Љубчо Георгиевски беа партнери од доверба, додека, пак, СДСМ и Бранко Црвенковски беа „партија на опасни намери“ што е целосна инверзија на улогите за само една календарска година. Очигледно е дека Георгиевски ја искористил местоположбата на Македонија да изгради сериозни врски со клучните американски протагонисти во нивниот балкански потфат. Политичките пораки беа јасни дека американски фаворит на претстојните македонски избори е дотогаш непознатиот политичар од ВМРО-ДПМНЕ, Борис Трајковски, кој се прослави со една досетлива изјава за време на бегалската криза (на критиката од една странска новинарка за состојбите во бегалските кампови за косовските Албанци во Македонија, тој одговори: „Ако сте толку загрижени за овие јадници, тогаш земете ги и однесете ги во Шведска и покажете ни како треба да се организираат бегалски кампови“). По првиот круг на изборите беше јасно дека Тито Петковски има недостижна предност, па за да се оневозможи неговиот избор се пристапи кон брутално изборно насилство потпомогнато од институциите. Во вториот круг, организирани групи насилници од ДПА влегоа во избирачките места во средините каде што Албанците во Македонија претставуваат мнозинство и ги наполнија кутиите (иронично се велеше во печатот дека „ливчињата се полнеле со лопати“). Беше апсурдно да се тврди дека кандидатот на ДПА, Мухарем Неџипи, и кандидатот на ПДП, Мухамед Халили, добиле помалку гласови во првиот круг токму на тие избирачки места отколку Борис Трајковски во вториот круг (за волја на вистината и при првиот круг ПДП тврдеше дека имало пресериозни неправилности). Уште поочигледно беше дека воопшто немаше политичка мобилизација помеѓу Албанците во Македонија за време на вториот круг. Изборниот фалсификат беше лесно докажан. Тогаш во Македонија се гласаше исклучиво со посебна лична исправа наречена избирачка легитимација и со лична карта, па опозицијата укажа дека на злоупотребените избирачки места гласале далеку повеќе граѓани отколку што се издадени избирачки легитимации. Врз основа на тој очигледен доказ беше поништено гласањето на посочените избирачки места, па таму беше закажан дотогаш невиден и нечуен „трет круг“. Во меѓувреме, групи непознати сторители извршиле упад во подрачните единици на Министерството за правда, па таму ги украле сите неподелени избирачки легитимации, како и сите придружни документи. Изборното насилство се повтори и при третиот круг, а „меѓународната заедница“ веднаш го призна изборот на Борис Трајковски за претседател.
Реакцијата на граѓаните беше бурна, па на градскиот плоштад во Скопје се одржа историски најмногубројниот протестен митинг во зовриена атмосфера, но тогашниот лидер на опозицијата, Бранко Црвенковски, избра да повика на институционално решавање на кризата наместо да ја внесе земјата во насилство и безизлез. Овие избори ќе останат најгрда лузна на македонската демократија затоа што изборната волја на граѓанството беше јасно изиграна и поништена. За жал, ваквиот метод на спроведување избори ќе се повтори и на локалните избори, овој пат против ПДП. На тие локални избори од 2000 година ќе има и жртви, а ПДП ќе објави насред изборниот ден, некаде веќе околу 12 часот, дека целосно се повлекува од изборниот процес. Подоцна, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе одговорноста за овие настани и ќе им се извини на граѓаните, но штетата веќе беше направена.
Така што, периодот од 1998 до 2001 години ќе биде чудно време на сериозни демократски исчекори, но и пад во злослутни понори… Што ќе се случува во регионот во пресрет на клучната 2001 година е предмет на следното продолжение од овој серијал.
(продолжува)

































