Фото: Доналд Трамп/ Официјален фејсбук профил

Американскиот претседател Доналд Трамп ја разгледува можноста за ескалација на воените напади врз Иран, откако го напушти претседателскиот комплекс Кемп Дејвид за време на викендот порано од планираното, објави „Фокс њуз“.

Трамп денес изјави за телевизискиот канал дека „некои ирански претставници се кријат“ и дека САД не можат да најдат никого кој е во можност да постигне договор.

– Јас сум во фаза на донесување одлуки – рече Трамп, додавајќи дека „ќе се случат многу големи работи“ во војната меѓу САД и Иран.

Тој истакна дека можно е понатамошен развој на конфликтот.

– Моето прашање е, дали и кога, треба да ја уништам целата нација? Подобро да се однесуваат – рече Трамп, осврнувајќи се на можниот понатамошен развој на конфликтот.

Американскиот лидер синоќа се врати во Белата куќа, откако го напушти претседателскиот комплекс Кемп Дејвид во Мериленд порано од планираното, според Фокс њуз.

Неговото враќање во Вашингтон доаѓа во време кога администрацијата ги разгледува своите следни чекори во врска со војната со Иран, а во пресрет на патувањето на Трамп во Њујорк следната недела за да присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации.

Трамп претходно изјави дека „веројатно ќе биде отворен“ за средба со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во Њујорк.

Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, исто така, синоќа најави интензивирање на американските воени активности.

– Централната команда ќе има полни раце работа вечерва бидејќи претседателот Трамп рече дека ќе го удриме силно Иран – и ќе го сториме тоа – напиша Хегсет на Икс.

Хегсет, кој беше на фудбалски натпревар во Тексас во времето на објавувањето, набрзо се врати во Вашингтон.

Иран вчера објави дека ги проследил условите за завршување на војната до САД преку Катар и дека чека одговор од американскиот претседател.