Во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп е поставена изложбата „Пејзажни знаци 26“ од академскиот уметник Атанас Атанасоски, кој вели дека идејата за реализација на поставката се надоврзува на неговите претходни изложби, во кои основен материјал е дрвенеста вегетација. Инсталацијата е од трнливи растенија, кои и по бербата како сува материја ја задржуваат цврстата структура.
Според Атанасоски, користењето и моделирањето со трнливиот дрвенест материјал има цел да ја бара и пронајде естетиката на хармонизирање на соживотот помеѓу природата и човекот.
– Нејзината применливост нуди можност за поблизок пристап кон уметничкото изразување, кое поради растечките еколошки проблеми станува сѐ порелевантно и социјално ангажирано. Ликовната изведба што ја реализирав се фокусира на природните материјали како податни ресурси при обликувањето на структуралните површини со точно одредените визури. Инспиративен момент ми е пејзажниот знак, кој и претходно бил својствен мотив за мојот творечки сензибилитет. Ликовните фасцинации на вегетацијата карактеристична за нашето поднебје во овој проект немаат само декоративна функција, туку претставуваат конститутивен елемент за мојата ликовна интерпретација. Живееме со технологија што ни нуди информации на дневна основа за уметноста и уметниците во целиот свет. Но, како што изминува времето, со тоа и побогатото искуство, мојата анализа и инспирација се насочени кон моето блиско опкружување, култура и традиција – вели Атанасоски.
Изложбата е дел од годишната програма за работа на ЦК „Марко Цепенков“ и е поддржана од Министерството за култура и туризам. Ка.М.































