Билјана Тинтоска, прилепска писателка, професорка по македонски јазик и литература во СУ „Ѓорче Петров“, ја објави и промовираше новата збирка раскази „Момина солза“, која е поинаква и невообичаена. Збирката, која слободно може да се нарече китка, е со внимателно одбрани раскази, збирка мотивирана од и за нашата младост, ученици матуранти, нашата надеж и иднина.
– Момината солза е белег од моето детство, сеќавање на родителскиот дом и долгите леи момина солза во дворот, насадени и негувани од вредните раце на моите дедо и баба. Затоа збирката е осмислена како букет од деветнаесет раскази со различна тематика и, како што на почетокот на книгата се обраќам на читателите, произлезена од искуството и лично и општочовечко, проблемите, искушенијата, препреките, но и радостите со кои сите секојдневно се среќаваме и се бориме, соочувајќи се со животот. Низ расказите дефилираат ликови што се со нас, во нас, меѓу нас, околу нас, ликови што чувствуваат, сакаат, паѓаат, па се борат, се надминуваат себеси за да си го подобрат квалитетот на духовниот човек во себе, ликови што се борат со своите пороци, со своите недоумици, со своето его, и кои спасот го наоѓаат во средбата со себе, со ближниот и со Бога, со љубовта – онаа жртвената – вели Тинтоска.
Сите нејзини дела се разновидни пристапи на една иста тема – љубовта.
– Љубовта е најголемиот предизвик во книжевноста. Анализирана од различни агли, вртена, превртувана и ставана на испит и на жртва, таа пак е врвна вредност, суштина на животот, кој јас лично преферирам и се трудам, во моите книги, секогаш да го гледам и истакнувам од неговата ведра и добродетелна страна. На ова ме поттикнува и советот на легендарниот Бора Станковиќ: „Една уметност, ако не ги поттикне благородните чувства во нас, не е уметност“. Низ шарената китка раскази ќе се сретнете со фрази и зборови невообичаени, а сепак наши, секојдневни, изворни. Намерно не се потрудив да ги објаснам или преведам, за поттик на читателот да истражува низ нашиот мајчин јазик. Расказите се компилација на сѐ што ме инспирирало, што, како богојавление, не ме оставило намира сѐ додека не го напишам, додека не го претворам во жива комуникација со моите читатели. Расказиве се обид да се спои духовното со секојдневниот живот, тие покажуваат како се одвива средбата на внатрешниот и надворешниот човек. Во нив дефилираат ликови што се околу нас и во нас, а како да се симнати од фреските и житијата на светителите, кои исто така се луѓе како нас, со сите предизвици и искушенија, но и со самопрегорна борба за рамнотежа меѓу духот и телото, за победа на љубовта над сите препреки – посочува авторката.
Расказите се инспирирани од животот и од човекот – оној од житијата, светителот и современиот.
– Тие искуства нѐ учат дека често тоа што го планираме, корисно е да го заборавиме, за да го добиеме она што ни треба. Дека, ако не можеме да ја промениме ситуацијата, корисно е да ја промениме точката на гледиштето. Дека човекот е драгоцен, секој од нас, секој околу нас, бидејќи Светлоста што го осветлува светот е во нас. Особено место во пишувањето на збирката, како и на сите мои претходни дела, имаат младите генерации, моите и нашите ученици, нашите деца. Тие ми даваат инспирација и поттик, ним им ги упатувам своите пораки. Конкретно, ја намислив како китка од деветнаесет цвета. Зошто деветнаесет? Овој број во моментов ја носи симболиката на годините, возраста на нашите матуранти. Затоа и промоцијата им ја посветив на учениците матуранти, кои јас, како професорка по македонски јазик и литература, ги водам од нивното доаѓање во училиштето и ќе ги испратам во животот, со пораки што, се надевам, ќе им обезбедат квалитетна база за светла иднина – вели Тинтоска.
Според неа, како општествено одговорна личност и совесен просветен работник, книгата треба да биде неизоставен дел од животот на младите.
– Од неа треба да црпат искуства, оти книжевноста е пожива од животот, нејзините светови се побогати, поцелосни, пореални, искрени. Нејзините пораки се исцелителни оти излегуваат од длабочините на човековите срца, каде што ретко човек ѕирнува ако не прочита некоја книга. „Најголемата тајна на книгата е – додека читателот ја чита, тој повторно ја пишува“, вели почитуваниот епископ и писател Григорие Дуриќ. Книжевноста ни дава можност да се почувствуваме во нечија кожа, да бидеме тоа што сакаме, да вкусиме тоа што досега не сме вкусиле, да добиеме поттик да ги оствариме своите соништа. Па, зошто тогаш да не ја прифатиме нејзината моќ? Човекот што снимил филм, кој напишал роман, нацртал слика, не ти дава дефиниција дека два и два се четири. Тој те поканува во игра – да истражуваш, да гледаш, да читаш, да слушаш… а потоа – чекор понатаму е дека и Бог сака преку чиста игра да нѐ мами како родителот детето, игра во која иновативно и умешно се креира животот заснован на добродетелите и правилните избори што ќе ги направиме. Поканата за дружба со книгата важи и за сите луѓе еднакво! Секој, било да е млад или стар, треба да го негува во себе духовното богатство, бидејќи духот никогаш не старее – истакнува писателката Билјана Тинтоска, која има издадено пет други книги и романи. Ка.М.