Министерството за здравство соопшти дека епидемиолошката состојба во Гостивар бележи значително подобрување, а бројот на граѓани кои побарале лекарска помош продолжува да се намалува.
Во текот на вчерашниот ден во Општата болница и во Здравствениот дом во Гостивар биле извршени 36 први прегледи, што е за 37 помалку во споредба со претходниот ден, кога биле регистрирани 73 прегледи. Во моментов на болничко лекување се задржани четворица пациенти.
Од почетокот на следењето на состојбата во двете здравствени установи се реализирани вкупно 4.483 први прегледи. До надлежните институции се доставени 1.014 пријави за заразна болест, а спроведени се 706 нови епидемиолошки анкети, што претставува покриеност од околу 70 проценти.
– Надлежните здравствени институции продолжуваат со засилен епидемиолошки надзор, обработка на податоците, анкетирање на пациентите и координирано спроведување на сите неопходни мерки за заштита на населението. Намалувањето на бројот на прегледи е охрабрувачки показател, но состојбата и натаму внимателно се следи – наведуваат од Министерството за здравство.
Во меѓувреме, Министерството информира дека заклучно со 30 јули во земјава се потврдени 13 случаи на западнонилска треска. На Клиниката за инфективни болести во Скопје се хоспитализирани 10 пациенти, од кои тројца се во критична здравствена состојба.
Поради актуелната состојба, Министерството го задолжи Центарот за јавно здравје – Скопје да спроведе дополнителна земјена адултицидна дезинсекција против комарци. Вонредниот третман беше реализиран во текот на ноќта како превентивна мерка за намалување на ризикот од ширење на инфекцијата.
Од Министерството посочуваат дека остануваат во постојана координација со Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје и здравствените установи и најавуваат дека јавноста навремено ќе биде информирана за сите нови сознанија и преземени мерки.






























