Rebecca Greenspan
Фото: ЕПА

Поранешната потпретседателка на Костарика, Ребека Гринспен, е водечки кандидат за нов генерален секретар на Обединетите нации, покажаа резултатите од првото неформално гласање во Советот за безбедност на ОН.

Во таканареченото „straw poll“ гласање, во кое учествуваа сите 15 членки на Советот за безбедност, Гринспен доби 10 гласа „охрабрување“, еден глас „не охрабрување“ и четири гласа „без мислење“, пренесе МИА.

На второто место се најде поранешната министерка за надворешни работи на Гвајана, Керолин Родригез-Биркет, со девет гласа „охрабрување“, два „не охрабрување“ и четири „без мислење“. Трет е генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Аргентинецот Рафаел Гроси, кој доби седум гласа „охрабрување“, два „не охрабрување“ и шест „без мислење“.

Неформалните гласања ќе продолжат и во наредните недели. Во оваа фаза членовите на Советот за безбедност тајно се изјаснуваат дали го „охрабруваат“, „не го охрабруваат“ или „немаат мислење“ за секој кандидат. Резултатите служат како показател за нивото на поддршка, но не откриваат дали негативните гласови доаѓаат од некоја од петте постојани членки со право на вето – САД, Русија, Кина, Франција и Обединетото Кралство.

Во подоцнежните рунди, токму тоа ќе стане познато преку посебни гласачки ливчиња за постојаните членки, чија поддршка е клучна за изборот.

Меѓу останатите кандидати, поранешната претседателка на Чиле Мишел Башелет доби шест гласа „охрабрување“, Маки Сал од Сенегал исто така шест, Марија Фернанда Еспиноза од Еквадор пет, додека угандскиот дипломат Олара Отуну доби два гласа за поддршка.

Според дипломатски извори, резултатите се охрабрувачки за Гринспен, доколку единствениот негативен глас не доаѓа од постојана членка на Советот за безбедност. Други дипломати оценуваат дека засега нема јасен консензус околу ниту еден кандидат, што значи дека процесот на избор може да потрае уште неколку недели.

Новиот генерален секретар ќе го наследи Антонио Гутереш и ќе се соочи со предизвикот да ја реформира организацијата, која е под притисок да ја модернизира својата работа, да ја намали бирократијата и да ја врати довербата во Обединетите нации.

Доколку биде избрана, Ребека Гринспен би станала првата жена и првата личност со еврејско потекло на чело на Обединетите нации во нивната 80-годишна историја.