Фото: МИА

Двајца од седумте пациенти хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести со потврдена западнонилска треска се во критична состојба и се на механичка вентилација, информираше директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана.

Станува збор за пациенти на возраст од 76 и 66 години, кои се лекуваат на Одделот за интензивна нега. Дополнително, за уште тројца пациенти примени со дијагноза акутно воспаление на мозокот и мозочната обвивка се чекаат лабораториски резултати од Институтот за јавно здравје за да се утврди дали се заразени со вирусот на западен нил.

 – Во моментов имаме седум потврдени случаи, а кај уште тројца постои сериозен сомнеж дека станува збор за истата инфекција – изјави Цана.

Тој посочи дека сите седум пациенти се од неколку скопски населби, а само еден од нив неодамна престојувал во Грција. И тројцата пациенти за кои се чекаат резултатите исто така се од Скопје.

Шеесет и шестгодишниот пациент бил примен на Клиниката на 26 јули, а поради влошување на здравствената состојба бил интубиран и ставен на механичка вентилација. Според Цана, тој не патувал надвор од државата и има повеќе придружни заболувања.

 – Сите останати пациенти се постари од 60 години и имаат повеќе коморбидитети. Тие се стабилни и се лекуваат според современите медицински протоколи. Токму оваа возрасна група е најизложена на тешката инвазивна форма на вирусот – нагласи директорот.

Цана предупреди дека кај пациентите со западнонилска треска може да дојде до нагло влошување на здравствената состојба, поради што е неопходна хоспитализација и постојан медицински надзор.

Тој потсети дека за ова вирусно заболување не постои специфична терапија, туку лекувањето е насочено кон ублажување на симптомите и обезбедување поддршка на виталните функции, согласно светските медицински протоколи.

Од Клиниката за инфективни болести велат дека установата останува целосно подготвена за прием и лекување на пациенти и дека е во постојана координација со надлежните здравствени институции. Воедно, апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките на здравствените власти за заштита од комарци и намалување на ризикот од инфекција.