Фото: Министерство за здравство

Завршувањето и целосното опремување на новата Клиничка болница во Штип, инвестиција проценета на околу 109 милиони евра, беше тема на денешната средба меѓу министерот за здравство Сашо Клековски, директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински, градоначалникот на Штип Иван Јорданов, раководството на Клиничката болница и претставници на Светската банка.

Проектот, чија вредност е проценета на речиси 6,7 милијарди денари, предвидува завршување на главниот болнички објект, набавка на современа медицинска опрема и целосно функционално поврзување на сите болнички одделенија, со цел Источниот регион да добие современ клинички центар.

 – Завршувањето на Клиничката болница во Штип е долг кон граѓаните на источна Македонија. Целта е пациентите да добиваат навремена и квалитетна здравствена заштита, а здравствените работници и студентите да имаат современи услови за работа и професионален развој – изјави Клековски.

На средбата со делегацијата на Светската банка биле разгледани техничките и финансиските анализи, моделот на финансирање, проектната документација и механизмите за контрола на квалитетот, трошоците и роковите.

Според министерот, ревизијата на постојната состојба треба да заврши во наредните два месеца, по што ќе биде распишан меѓународен тендер за избор на изведувач. Постапката за избор и потпишување договор се очекува да трае уште околу три месеци.

 – Ќе работиме со компании со меѓународна репутација и капацитет за да се избегнат проблемите што ги имаше во минатото при реализацијата на проектот – рече Клековски.

Тој информираше дека досега се реализирани околу 30 проценти од планираните финансиски средства. Болничкиот објект е во фаза на затворена карабина, со завршен најголем дел од фасадата и инсталациите, а останува да се изведат најсложените и најскапи сегменти – оперативниот блок, машинските системи и инсталирањето на медицинската опрема.

Во втората фаза од проектот е предвидено уривање на старите објекти, изградба на нови содржини и нивно поврзување во единствен функционален болнички комплекс.

Клиничката болница во Штип е единствениот регионален клинички центар во источниот дел на земјата и обезбедува здравствени услуги за околу 150.000 жители, додека поширокото гравитациско подрачје опфаќа околу 250.000 граѓани.

Од Министерството за здравство очекуваат дека со завршувањето на проектот ќе се подобрат дијагностиката, лекувањето и итната медицинска помош, ќе се намали притисокот врз здравствените установи во Скопје и ќе се создадат подобри услови за задржување на медицинскиот кадар во источниот регион.