Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) во првата половина од 2026 година спровел речиси 22.000 инспекциски надзори, а во делот на откупот на земјоделски производи издал 409 решенија, меѓу кои наредби, опомени и задолженија.
Ова денеска го соопшти директорот на ДИЗ, Ивица Ангеловски, кој посочи дека Инспекторатот во моментов се соочува со сериозен недостиг на инспектори поради пензионирање на кадарот.
– Инспекторатот континуирано е на терен и ги следи сите откупни процеси во зависност од сезоната и земјоделската култура. Ги контролираме условите што треба да ги исполнуваат откупните компании, од минимално-техничките услови и соодветната опрема, до исправноста и верификацијата на мерните инструменти – изјави Ангеловски.
Тој нагласи дека, и покрај кадровските предизвици, Инспекторатот ги извршува законските надлежности, но оцени дека во наредниот период ќе биде неопходно системско вработување нови инспектори за да се обезбеди непречено функционирање на институцијата.
Осврнувајќи се на извозот на земјоделски производи, Ангеловски рече дека ДИЗ во текот на целата година врши фитосанитарна сертификација на пратките.
– Како надлежен инспекторат издаваме фитосанитарни сертификати со кои се потврдува дека пратките се здравствено исправни, не се заболени и ги исполнуваат условите за извоз – истакна директорот на ДИЗ.
































