Data centers
Фото: ЕПА

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, порача дека Владата нема да дозволи изградба на дата-центри доколку тие имаат негативно влијание врз животната средина.

Тој нагласи дека нема да се дозволи сечење шуми, ниту какви било штетни последици врз водата, воздухот или природата заради реализација на вакви инвестиции.

 – Нема да дозволиме никаков негативен ефект врз животната средина за да се градат дата-центри. Нема да се сечат дрвја, ниту ќе се дозволат други штетни влијанија врз природата за да добиеме некаков бенефит – изјави Андоновски.

Министерот оцени дека дел од критиките во јавноста биле „неосновани“ и насочени кон создавање непотребна хистерија околу можните инвестиции.

Тој информираше дека една од опциите што се разгледуваат е дата-центрите да бидат изградени во технолошко-индустриските развојни зони, на локации каде што веќе постојат фабрики, односно како таканаречени „браунфилд“ инвестиции.

Според Андоновски, секој проект ќе мора да помине задолжителна постапка за оцена на влијанието врз животната средина, особено кога станува збор за странски инвестиции.

 – Во консултација со експерти од ИТ-секторот, машинството и индустријата, никој не е против изградба на центри за податоци. Прашањето е нивната големина и влијанието врз животната средина. Нема да направиме ниту еден чекор што би значел загрозување на природата за сметка на економски бенефит – истакна Андоновски.