Вкупно 147 пензионери во Македонија остваруваат исплата од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, односно од вториот пензиски столб, покажуваат податоците на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) со пресек на 30 јуни 2026 година.
Според анализата, за овие корисници е исплатен вкупен нето износ од 1.452.089 денари, а просечната месечна нето исплата изнесува 9.878 денари. Просечниот пензиски стаж на корисниците е 22 години, додека просечната пензиска основица изнесува 38.880 денари.
Најголемиот дел од корисниците – 113 лица или 77 проценти – се пензионери кај кои средствата од вториот столб се користат за обезбедување на минималниот износ на пензијата.
Кај оваа категорија, вкупната нето исплата достигнува 1.149.023 денари, а просечната месечна исплата изнесува 10.168 денари. Од нив, 75 корисници добиваат повеќе од 8.000 денари месечно, додека 38 примаат износ меѓу 4.001 и 8.000 денари.
Во категоријата пензионери со пензија повисока од минималната се евидентирани 34 лица. Тие месечно добиваат просечно по 8.914 денари од индивидуалните сметки, а вкупниот нето износ на исплатите за оваа група изнесува 303.066 денари. Кај петмина корисници исплатата е над максимално утврдениот износ.
Од МАПАС посочуваат дека анализата ја потврдува основната предност на вториот пензиски столб – подолгиот период на членство овозможува акумулирање на повеќе средства на индивидуалната сметка, благодарение на редовните уплати, приносите од инвестирањето и нивната капитализација.
Во анализата се опфатени лица кои доброволно одлучиле да го продолжат членството во вториот пензиски столб со потпишување изјава за продолжување на членството.
Од МАПАС оценуваат дека анализата обезбедува детален увид во структурата и карактеристиките на актуелните корисници на пензија од вториот пензиски столб и претставува важна основа за следење на развојот на капитално финансираниот пензиски систем.
































