Турските власти денеска привеле 51 лице во рамки на истрага за наводни неправилности при јавни тендери и фалсификување документи, меѓу кои е и градоначалникот на округот Етимесгут во Анкара, Ердал Бешикчиоглу.
Бешикчиоглу, кој на локалните избори во 2024 година беше избран како кандидат на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), пред влегувањето во политиката беше познат актер. Најголема популарност стекна со главната улога во турската криминалистичка серија „Бехзат Ч“.
Приведувањата се дел од пошироката антикорупциска кампања што турските власти ја спроведуваат во изминатите месеци на локално ниво.
Според досегашните информации, истрагите главно се насочени кон општини раководени од ЦХП. Од 2024 година досега се приведени десетици општински функционери и вкупно 22 градоначалници од најголемата опозициска партија.
Меѓу нив е и поранешниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој беше разрешен од функцијата и во моментов се наоѓа во притвор во рамки на истрагите што се водат против него.

































