Фото: Пексел

Четири лица починаа од вирусот Западен Нил во Грција, каде што заклучно со 29 јули се потврдени вкупно 42 случаи на инфекција, соопшти Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ).

Според неделниот извештај на ЕОДИ, дури половина од новорегистрираните случаи се откриени во текот на изминатата седмица, што укажува на забрзано ширење на вирусот.

Од вкупниот број заразени, 37 пациенти развиле симптоми на зафатеност на централниот нервен систем, како што се енцефалитис, менингитис или акутна блага парализа, додека кај пет лица симптомите биле полесни или без невролошки компликации, пренесе МИА.

 – Заклучно со 29 јули 2026 година се регистрирани четири смртни случаи кај пациенти со зафатеност на централниот нервен систем. Сите починати биле постари од 65 години, со просечна возраст од 75 години – соопштија од ЕОДИ.

Во моментов, 13 пациенти се хоспитализирани, додека 25 се отпуштени на домашно лекување.

Најголем број случаи – 35 – се регистрирани во областа Атика, односно поширокиот регион на Атина, а останатите се во Тесалија и централна Грција.

Првиот случај на вирусот Западен Нил оваа сезона во Грција беше потврден на почетокот на јули.

Вирусот, кој го пренесуваат комарците, е присутен во Грција во текот на летните месеци од 2010 година, со исклучок на периодот меѓу 2015 и 2016 година. Најтешка беше 2018 година, кога беа регистрирани 317 случаи и 51 смртен исход.

Минатата година во Грција беа потврдени 96 случаи на вирусот Западен Нил, а девет лица ги загубија животите.