Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против две физички лица и едно правно лице, поради сомнение за даночно затајување со кое, според истрагата, Буџетот на државата е оштетен за повеќе од 12,6 милиони денари.
Според соопштението, првопријавениот Н.О., државјанин на Турција и реален сопственик и управител на компанијата во периодот од 2016 до 2021 година, по поднесувањето на последната завршна сметка, во која била прикажана нето-загуба од 834.571 денар, ја променил сопственичката и управувачката структура на фирмата. Како нов сопственик и управител бил евидентиран второпријавениот Е.М.
Финансиската полиција наведува дека за деловните години 2022, 2023, 2024 и 2025 не биле изготвени и поднесени завршни сметки. Во тој период, според истрагата, била неосновано присвоена трговска стока во вредност од 32.054.759 денари.
Дополнително, не биле пресметани, пријавени и уплатени обврски за данок на додадена вредност во износ од 5.769.856 денари, како и данок на личен доход од 3.561.283 денари.
Истрагата утврдила и дека не биле отпишани ниту евидентирани како приходи застарени краткорочни обврски кон добавувачи, постари од три години, во вкупен износ од 32.847.325 денари. Поради тоа, не бил пресметан и платен ниту данок на добивка во износ од 3.284.732 денари.
Со наведените дејствија, осомничените, според Управата за финансиска полиција, избегнале плаќање даночни обврски во вкупен износ од 12.615.871 денар, со што му нанеле штета на Буџетот на Република Македонија.
































