Бројот на загинатите во силниот земјотрес што го погоди јапонскиот остров Кјушу се искачи на 30, соопшти јапонската влада, додека спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по исчезнатите, пренесе „Еуроњуз“.
Земјотресот со јачина од 7,1 степен според Рихтеровата скала, кој пред два дена ја погоди јужна Јапонија, предизвика големи разурнувања. Уништени се бројни домови, оштетени се мостови, а на повеќе локации избувнаа пожари.
Повеќе од 22.500 домаќинства и објекти сè уште се без електрична енергија, додека вчера околу 84.000 домаќинства останаа без водоснабдување.
Во погодените подрачја граѓаните чекаат во долги редици за вода за пиење и гориво, а дополнителен проблем претставуваат најавените високи температури. Метеоролозите предупредуваат дека во следните денови живата во термометарот ќе достигне до 38 степени Целзиусови.
Властите на префектурата Кумамото соопштија дека под урнатините на трговскиот центар „Аеон“ во градот Кашима биле пронајдени четири тела. Објектот бил евакуиран веднаш по земјотресот, но околу 50 минути подоцна бил уништен во експлозија. Засега не е познато колку лица се наоѓале во зградата во моментот на експлозијата.
Трагедија се случи и во фабриката за хартија „Нипон пејпр“ во градот Јацуширо, каде што при уривање на оџак загинаа пет лица, а уште четворица се водат како исчезнати.

































