Анализите на водата од градскиот водовод во Гостивар продолжуваат и во текот на викендот, а засега не може да се предвиди кога забраната за нејзино користење за пиење ќе биде укината, изјави денеска во Штип министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој појасни дека секојдневно се земаат примероци од повеќе кориснички места и дека водата ќе може повторно да се користи за пиење само откако три последователни анализи ќе покажат дека е здравствено исправна.
– Во моментот, штом три едноподруго проби ќе бидат соодветни за пиење, водоводот ќе биде ставен во редовна употреба. Засега водата може да се користи за други намени, но не и за пиење и подготовка на свежа храна – изјави Клековски.
Тој додаде дека конечната одлука за укинување на забраната ќе ја донесе Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), откако ќе бидат исполнети сите законски критериуми.
Министерот посочи дека секој ден се анализираат примероци од најмалку девет кориснички места, но нагласи дека не може да се прогнозира кога процесот ќе заврши.
– Може да се случи еден од тестовите да не биде соодветен, по што повторно ќе треба да се направат три нови последователни анализи. Затоа е неблагодарно да се предвидува кога водата повторно ќе биде безбедна за пиење – рече Клековски по посетата на Клиничката болница во Штип.
































