Министерството за внатрешни работи (МВР) предупреди дека во изминатиот период се забележани фишинг измами преку лажни СМС пораки, електронска пошта, веб-страници, мобилни апликации и пораки на социјалните мрежи.
Како што информираат од МВР, измамниците испраќаат пораки кои лажно се претставуваат како известувања од Одделот за моторни возила или од системот „Безбеден град“, при што граѓаните се пренасочуваат на лажна интернет-страница за да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок.
Од Министерството апелираат граѓаните да бидат особено внимателни и да не отвораат сомнителни линкови или пораки. Исто така, советуваат никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви од банкарски картички, лозинки и лични идентификатори преку непроверени канали.
Воедно, препорачуваат секогаш да се проверува адресата на испраќачот, бидејќи официјалните институции користат службени интернет-домени, како и да се користи двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на корисничките сметки. Сите сомнителни пораки треба веднаш да се пријават во надлежните институции или во матичната банка.
Од МВР појаснуваат дека автентичните СМС известувања за сообраќајни прекршоци се испраќаат исклучиво од испраќачот „MVR-SC“, задолжително содржат регистарска ознака на возилото и линк со формат https://safecountry.mvr.gov.mk/…
Во меѓувреме, Секторот за компјутерски криминал при МВР продолжува со истрагите и презема мерки за откривање и санкционирање на сторителите на вакви интернет-измами.
































