Американската тајна служба отвори истрага по појавата на видео поврзано со Иран, во кое се упатуваат закани кон првата дама на САД, Меланија Трамп. Видеото најпрво било емитувано на ирански државен медиум, а потоа почнало да се шири на социјалните мрежи, пренесе „Индипендент“.
Според американските медиуми, во видеото се прикажуваат наводни инструкции за потенцијален напаѓач, со информации за движењата и секојдневните навики на Меланија Трамп. Материјалот завршува со порака упатена до нејзиниот син Барон.
Портпаролот на американската Тајна служба, Нејт Херинг, потврди дека агенцијата е запознаена со видеото и дека ги проверува сите содржини што би можеле да се протолкуваат како закана за лицата под нејзина заштита.
– Тајната служба е свесна за видеото и истражува сè што може да се сфати како закана за лицата што ги штитиме. Од причини на оперативна безбедност, не коментираме прашања поврзани со заштитното разузнавање – изјави Херинг за „Експрес УС“.
Според медиумските извештаи, авторите на видеото тврдат дека користеле информации од анонимни извори и сателитски снимки, но се наведува дека најголем дел од податоците се јавно достапни.
Објавувањето на видеото доаѓа во период на засилени тензии меѓу Вашингтон и Техеран. Неколку дена претходно, американски медиуми објавија дека Тајната служба истражува уште едно видео поврзано со Иран, исто така насочено кон Меланија Трамп.
Во меѓувреме, според американските медиуми, во Техеран се појавиле билборди со фотографии од претседателот Доналд Трамп и членовите на неговото семејство, меѓу кои Меланија Трамп и нивниот син Барон, придружени со заканувачки пораки.
































