Јапонските власти предупредуваат дека има „многу жртви“ по силниот земјотрес што денеска го погоди јужниот дел на земјата, предизвикувајќи уривање на голем трговски центар во градот Кумамото, пренесе „Мирор“.
Според првичните информации, околу 30 лица се водат како исчезнати во трговскиот центар „Еон“, додека се трага и по вработени во блиската фабрика „Нипон Пејпер Индустрис Јацуширо“.
Земјотресот бил со јачина од 7,1 степен според Рихтеровата скала, а според јапонската сеизмичка скала Шиндо достигнал највисоко ниво – седум степени, што укажува на исклучително силно тресење.
Поради потресот, десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија, а аеродромот во Кумамото е затворен на неодредено време поради оштетувања на пистата.
По земјотресот беше издадено предупредување за цунами за заливот Ариаке во покраината Кумамото, но подоцна беше укинато откако опасноста се намали.
Погодената покраина се наоѓа на јужниот јапонски остров Кјушу, каде живеат околу 13 милиони жители.
Кумамото и претходно беше погоден од разорен земјотрес. Во 2016 година, во серијата силни потреси загинаа повеќе од 50 лица, околу 1.800 беа повредени, а десетици илјади домови беа оштетени или целосно уништени.
































