Бројот на потврдени случаи на ебола во Демократска Република Конго достигна 3.262, додека од последиците на болеста починале 1.437 лица, соопшти Министерството за здравство на земјата.
Според најновите податоци, актуелната епидемија речиси го достигнала обемот на епидемијата од периодот 2018–2020 година, која беше најголемата досега регистрирана во Конго.
Епидемијата започна кон крајот на април годинава, а моменталната стапка на смртност изнесува 43,9 проценти.
Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека речиси 90 проценти од сите потврдени случаи се регистрирани во североисточната провинција Итури, која се наоѓа во близина на границите со Уганда и Јужен Судан.
Здравствените власти продолжуваат со мерките за спречување на ширењето на вирусот, додека меѓународните организации ја следат состојбата и обезбедуваат поддршка за справување со епидемијата.
































