Фото: Маја Јаневска-Илиева

Владата донесе одлука за измена и дополнување на условите за користење на средствата од компензациските фондови, со што постојната кредитна линија преку Развојната банка ќе биде наменета за финансирање на откупот на оризова арпа и винско грозје од сортата вранец, пренесе МИА.

Со одлуката се активираат расположливите средства од постојната кредитна линија и слободните средства со кои располага Развојната банка. Вкупниот фонд изнесува 793.481.723 денари (околу 10,1 милиони евра), од кои 240 милиони денари се наменети за откуп на оризова арпа, а 553.481.723 денари за откуп на винско грозје од сортата вранец.

Максималниот износ на поединечен кредит ќе биде 130 милиони денари за откуп на вранец и 30 милиони денари за откуп на оризова арпа.

За кредитите за оризова арпа е предвиден рок на отплата до шест месеци, додека за винското грозје рокот е до девет месеци. За двете кредитни линии е обезбеден грејс-период до три месеци, со квартална отплата и фиксна каматна стапка од еден процент годишно, без еднократна провизија за управување со кредитот.

Од Владата посочуваат дека мерката е донесена непосредно пред главниот период на откуп, кога на компаниите им се потребни дополнителни финансиски средства за преземање на земјоделските производи, додека приходите од нивната продажба или преработка се остваруваат подоцна.

-Со овој инструмент создаваме финансиска основа откупот да се реализира навремено, а земјоделците да бидат исплатени во предвидениот рок. Барањата ќе се разгледуваат според редоследот на нивното пристигнување, во рамки на средствата предвидени за секоја намена – соопшти владината прес-служба.