Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) соопшти дека во текот на јули исплатил повеќе од 560 милиони денари за надоместоци за боледување, при што најголемиот дел од средствата се наменети за исплата на породилни отсуства, пренесе МИА.
Заклучно со денешниот ден, иако месецот сè уште не е завршен, ФЗО исплатил вкупно 560,9 милиони денари. Од нив, 420,3 милиони денари се за надоместоци за породилно отсуство, а 140,6 милиони денари за останати видови боледувања.
Исплатите се реализирале во повеќе наврати. Од 1 до 23 јули биле исплатени 111 милиони денари за породилно отсуство и 93,5 милиони денари за останати боледувања. На 24 јули следувале дополнителни 25 милиони денари за породилни надоместоци и 24 милиони денари за други боледувања. На 27 јули биле исплатени 198 милиони денари за породилно отсуство и 17,7 милиони денари за останати боледувања, додека денеска се исплатени уште 86,3 милиони денари за породилно отсуство и 5,4 милиони денари за останати боледувања.
Од Фондот велат дека ова е највисокиот месечен износ досега исплатен за породилни надоместоци, што, според нив, е доказ за навременото обезбедување средства за осигурениците.
Во соопштението се нагласува дека нема застој во исплатата на породилните надоместоци. За започнување на исплатата е потребно само за првиот месец да бидат уплатени придонесите согласно законските прописи. Потоа, секој нареден месец надоместокот се исплаќа по завршување на месецот, по административна обработка, стручна контрола и одобрување.
Кај останатите видови боледувања, покрај административната постапка, законски услов за исплата е претходно да бидат уплатени придонесите за месецот на кој се однесува надоместокот. Поради тоа, во одредени случаи може да дојде до пролонгирање на исплатата.
Од ФЗО уверуваат дека остануваат посветени на ефикасна обработка на предметите и навремена исплата на надоместоците, со цел осигурениците без пречки да ги остварат своите законски права.
































