Министерството за здравство подготвува дополнителна децентрализација на онколошките услуги, со што дел од терапиите за пациентите со рак ќе се издаваат преку аптеките наместо исклучиво преку Клиниката за онкологија во Скопје, најави денеска министерот за здравство Сашо Клековски, пренесе МИА.
Тој потсети дека минатата година два лека за лекување на рак на дојка веќе биле префрлени од болничката аптека во редовните аптеки, со што неколку илјади пациентки повеќе немаат обврска да патуваат до Скопје само за да ја подигнат терапијата.
-Во моментов анализираме и можност терапиите за рак на простата што се во таблетарна форма исто така да се издаваат преку аптеките – рече Клековски.
Министерството паралелно ги анализира капацитетите на онколошките центри во државата, меѓу кои Клиничката болница во Тетово, ГОБ „8 Септември“, Клиничката болница во Битола и Клиничката болница во Штип.
Според Клековски, најголем предизвик во моментов има во Штип, каде работи само еден онколог. Во Тетово е во тек набавка на апарат за подготовка на онколошки лекови, што ќе овозможи проширување на услугите за околу 150 пациенти кои моментално се лекуваат таму.
Во ГОБ „8 Септември“ се завршени подготовките за отворање дневна болница за примена на онколошка терапија, додека во Битола, како што оцени министерот, постојат најдобри услови за понатамошен развој на онколошките услуги.
-Во Битола има нова зграда, двајца онколози и соработка со Клиниката за онкологија во Скопје, преку која специјалисти доаѓаат за одредени третмани. Очекуваме таму да има значителен напредок – истакна Клековски.
Тој нагласи дека без посериозна децентрализација нема да се намалат гужвите на Клиниката за онкологија во Скопје, особено затоа што бројот на пациенти постојано расте благодарение на подобрите терапии и подолгото преживување.
Дополнителен предизвик, според него, е недостигот од апарати за радиотерапија. Во земјава моментално има само три активни линеарни акцелератори, иако, според стандардите, потребен е по еден на секои 200.000 до 300.000 жители.
Министерот информираше дека се анализираат сите податоци за онколошките пациенти, по што ќе се изработи план за реорганизација на системот во соработка со стручни консултанти.
Како успешен пример за децентрализација ја посочи Клиниката за хематологија, која веќе овозможи дел од пациентите со мултиплекс склероза да ја добиваат терапијата во своите места на живеење, без потреба да патуваат во Скопје. Според Клековски, истиот модел постепено треба да се примени и во онкологијата.
































