Педесет и едногодишен жител на Неготино е лишен од слобода поради сомнение дека физички ги нападнал својата поранешна сопруга и нивната 19-годишна ќерка, соопштија од Секторот за внатрешни работи – Велес, пренесе МИА.
Според информациите, вчера околу 16:40 часот полициски службеници од ОВР Неготино го привеле Д.Ѓ. (51), постапувајќи по пријава од неговата 47-годишна поранешна сопруга.
Таа пријавила дека била физички нападната на улицата „Маршал Тито“ во Неготино. Според пријавеното, по инцидентот мажот пред својот дом ја нападнал и нивната 19-годишна ќерка, при што ѝ упатувал и закани.
Осомничениот бил задржан во полициска станица, а за случајот бил известен и надлежен јавен обвинител.
По целосното документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.



































