Тројцата осомничени во истрагата за загадувањето на водата за пиење во Гостивар денеска беа изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд Гостивар, откако Основното јавно обвинителство отвори истрага против нив за кривичното дело тешки дела против животната средина и природата предизвикани со загадување на водата за пиење, пренесе МИА.
Пред судот беа изведени вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител Леон Мезини и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи, Вадедин Даути.
Според наводите на Обвинителството, тројцата како соизвршители на 25 јуни наложиле поставување на три потопни пумпи во канал со површинска вода што содржел штетни материи, во непосредна близина на преливната комора на системот за водоснабдување, со цел да го тестираат притисокот на водата.
При увидот извршен на 16 јули било утврдено дека две од пумпите сè уште биле во функција и преку нив во системот за водоснабдување се внесувала вода со штетни материи.
Анализите на Институтот за јавно здравје покажале дека водата од површинскиот канал била сериозно загадена и неупотреблива за каква било намена. Загадување било утврдено и во примероците земени од каптираниот извор и од водоводната мрежа, поради што Обвинителството оценило дека постои основано сомнение за сторено кривично дело.
За евентуалните мерки што ќе им бидат определени на осомничените ќе одлучи судија на претходна постапка, додека Основното јавно обвинителство Гостивар најави дека истрагата продолжува со преземање дополнителни истражни дејствија.


































