Како земја-членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија, Северна Македонија има можност да води повеќедимензионална надворешна политика, продлабочувајќи ги постојните партнерства и градејќи нови со држави кои ги делат вредностите на мирот, развојот и меѓународната соработка. Во тој контекст, Индија има особено значајно место, истакна претседателката Гордана Силјановска-Давкова на заедничката прес-конференција со претседателката на Индија, Друпади Мурму.
Двете претседателки разговарале и за актуелните геополитички случувања, при што Силјановска-Давкова оцени дека светот се соочува со еден од најнеизвесните периоди по завршувањето на Студената војна. Таа предупреди дека вооружените конфликти, промените во меѓународните сојузништва и сè почестото ставање на меѓународното право пред „логиката на силата“ ја поткопуваат довербата во мултилатералните институции.
Според неа, одговорот на овие предизвици не е слабеење, туку зајакнување на мултилатерализмот.
-Потребни ни се посилни меѓународни институции, способни да одговорат на современите глобални предизвици – рече претседателката, додавајќи дека со Мурму се согласиле оти се неопходни реформи во Обединетите нации, со порепрезентативен Совет за безбедност и посилна улога на Генералното собрание.
Силјановска-Давкова упати пофални зборови и за индиската претседателка, оценувајќи дека нејзината животна приказна претставува инспирација за жените и младите ширум светот, бидејќи покажува дека највисоките функции се освојуваат со карактер, а не со привилегии.
Осврнувајќи се на Индија, таа нагласи дека станува збор за една од најстарите цивилизации и истовремено една од најдинамичните светски економии и технолошки сили. Потсети на богатото културно и духовно наследство на земјата, споменувајќи ги Махатма Ганди, Рабиндранат Тагоре, Свами Вивекананда, Рави Шанкар, А. Р. Рахман и режисерот Сатјаџит Реј како личности кои оставиле траен белег во светската историја и култура.
Таа нагласи дека иако ова е прва посета на претседател на Индија на највисоко државно ниво, пријателските односи меѓу двете земји имаат подлабоки корени, уште од времето на Движењето на неврзаните.
Посебно место во односите меѓу двете држави, според претседателката, има Света Мајка Тереза.
-Родена во Скопје, таа својот живот му го посвети на народот на Индија и стана универзален симбол на човечноста. Нобеловата награда за мир и највисокото индиско државно одликување ‘Бхарат Ратна’ сведочат за длабоката почит што Индија ја има кон неа. Таа претставува духовен мост меѓу нашите два народа – истакна Силјановска-Давкова.































