Подигнување на билатералните односи на повисоко ниво, можноста за отворање резидентна Амбасада на Индија во Скопје и зајакнување на економската соработка биле во фокусот на разговорите меѓу претседателката Гордана Силјановска-Давкова и претседателката на Индија Друпади Мурму, која престојува во дводневна официјална посета на Македонија. Станува збор за прва официјална посета на индиски претседател на земјава.
На заедничката прес-конференција, Силјановска-Давкова истакна дека двете страни ја потврдиле заедничката определба за продлабочување на билатералните односи, поздравувајќи го засилениот политички дијалог по министерските размени меѓу Скопје и Њу Делхи.
-Контактите меѓу владите, министерствата, парламентите и институциите треба да станат почести, подобро структурирани и поамбициозни – рече претседателката.
Таа оцени дека парламентарната дипломатија останува еден од најважните столбови на меѓународната соработка и изрази надеж дека обраќањето на Мурму пред Собранието ќе придонесе за зацврстување на врските меѓу двата парламента. Воедно, ја поздрави и сè поактивната улога на Индија во Западен Балкан и Југоисточна Европа, нагласувајќи дека Македонија очекува отворање резидентна индиска амбасада во Скопје.
Силјановска-Давкова оцени дека политичките односи меѓу двете држави се на високо ниво, но дека економската соработка треба да го следи истиот развој.
-Дојде време нашето економско партнерство да го достигне квалитетот на нашите политички односи – истакна таа.
Според претседателката, Индија е една од најуспешните економски приказни на 21 век, која прерасна во глобален центар на иновациите, дигиталните технологии и претприемаштвото. Воедно, нагласи дека Македонија има што да им понуди на индиските инвеститори.
-Со својата географска положба, политичка стабилност, конкурентна деловна клима, квалификувана работна сила и пристап до европските пазари, Македонија претставува привлечна влезна точка за индиските компании кои сакаат да го прошират своето присуство во Европа – рече таа.
Двете претседателки идентификувале повеќе области за продлабочување на економската соработка, меѓу кои автомобилската и фармацевтската индустрија, здравството, информатичките технологии, аутсорсингот на деловни процеси, обновливите извори на енергија, земјоделството, прехранбената индустрија, машинството, логистиката и напредното производство.
Разговарале и за соработка во областа на вештачката интелигенција, дигиталната трансформација, научните истражувања, новите технологии и поврзувањето на универзитетите.
Силјановска-Давкова најави дека попладнето двете претседателки ќе се обратат на Македонско-индискиот бизнис-форум со цел дополнително да ги поттикнат економските врски меѓу компаниите од двете држави.
Минатата година трговската размена меѓу Македонија и Индија достигнала околу 133 милиони американски долари, а претседателката оцени дека тоа е далеку под реалните можности.
-Во следните пет години треба да си поставиме заедничка цел билатералната трговска размена да достигне најмалку 500 милиони американски долари – рече Силјановска-Давкова.
Таа посочи дека значителен неискористен потенцијал постои и во културата, образованието, науката, иновациите, младинските размени и академската соработка, оценувајќи дека токму тие создаваат најтрајни врски меѓу народите.
Како перспективна област ја издвои и туристичката соработка, истакнувајќи дека Македонија располага со богато културно наследство, локалитети под заштита на УНЕСКО, археолошки локалитети и природни убавини кои можат да привлечат повеќе туристи од Индија.
На средбата било разговарано и за повеќе глобални иницијативи на Индија, при што Силјановска-Давкова рече дека не гледа пречки Македонија да се приклучи кон Меѓународната соларна алијанса, Глобалната алијанса за биогорива и Коалицијата за инфраструктура отпорна на природни катастрофи.
На крајот, претседателката оцени дека разговорите не биле насочени само кон сегашните односи, туку и кон нивната иднина.
-Разговаравме за иднина на посилен политички дијалог, подобра економска соработка, поголема трговија и инвестиции, како и продлабочена соработка во науката, образованието и здравството. Верувам дека периодот што претстои ќе биде динамичен за развојот на односите меѓу Македонија и Индија – порача Силјановска-Давкова.































