Претседателката на Индија, Друпади Мурму, изрази уверување дека нејзината официјална посета на Македонија ќе отвори ново поглавје во билатералните односи и ќе придонесе за нивно унапредување на повисоко ниво, пренесе МИА.
На заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, Мурму истакна дека разговорите биле продуктивни и опфатиле широк спектар на теми од заеднички интерес.
-Имавме многу продуктивен состанок со претседателката Силјановска-Давкова и разговори на ниво на делегации. Дискутиравме за повеќе области на билатералната соработка и разменивме ставови за регионални и глобални прашања од заеднички интерес. Ги потврдивме пријателските односи, заедничките вредности и взаемната почит меѓу Македонија и Индија. Соработката останува важен столб на нашите билатерални односи – рече Мурму.
Таа нагласи дека двете држави се согласиле да работат на интензивирање на трговската и инвестициската соработка, како и на продлабочување на партнерствата меѓу деловните заедници.
-Се согласивме билатералната трговија да ја зголемиме двојно во однос на сегашниот обем. Разговаравме за соработка во клучни области како информатичките технологии, земјоделството, прехранбената индустрија, фармацијата, туризмот, угостителството и аудиовизуелните уметности. Денешниот бизнис-форум ќе биде одлична можност за понатамошни разговори во овие области – истакна индиската претседателка.
Мурму потсети дека двете земји веќе имаат потпишан Меморандум за соработка во здравството и најави натамошно зајакнување на партнерството, особено во областа на традиционалната медицина.
Таа рече дека ќе се работи и на продлабочување на културната соработка, оценувајќи дека врските меѓу луѓето се едни од најсилните темели на пријателството меѓу државите.
-Соработката во креативните индустрии претставува важен сегмент на културната размена и ќе продолжиме да ја развиваме – рече Мурму.
Осврнувајќи се на глобалните иницијативи што ги предводи Индија, таа ја поздрави намерата на Македонија да се приклучи кон Меѓународната соларна алијанса и Коалицијата за инфраструктура отпорна на природни катастрофи.
-Учеството во овие иницијативи ќе ѝ овозможи на Македонија да ги искористи придобивките од глобалните партнерства за справување со климатските и природните предизвици – рече Мурму.
Индиската претседателка најави и можности за обука на македонски кадар во областа на вештачката интелигенција.
Во рамки на посетата, Мурму и Силјановска-Давкова ќе присуствуваат и на откривањето на биста на Махатма Ганди во Музејот на Град Скопје.
-Ова е посебен подарок од народот на Индија за народот на Македонија, кој ги симболизира заедничките принципи и вредности на двете нации – изјави Мурму.
Претходно, Силјановска-Давкова ја пречека индиската претседателка со највисоки државни и воени почести. По тет-а-тет средбата и пленарниот состанок на делегациите, беше одржана заедничката прес-конференција.
Во рамки на посетата, Мурму ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“, ќе се сретне со претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе се обрати пред пратениците и ќе присуствува на Македонско-индискиот бизнис-форум, на кој ќе бидат претставени инвестициските можности на Македонија.
Вториот ден од посетата е предвидена посета на Спомен-куќата на Мајка Тереза, Музејот на Град Скопје и Охрид, каде двете претседателки ќе ги посетат манастирскиот комплекс „Свети Наум“ и повеќе културно-историски локалитети.































