Фото: Фејсбук профил Гордана Силјановска Давкова

Официјалната посета на претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, претставува значаен исчекор во продлабочувањето и зајакнувањето на билатералните односи меѓу двете држави, оцени претседателката Гордана Силјановска-Давкова по денешната средба во Вила Водно.

Во објава на Фејсбук, Силјановска-Давкова истакна дека со особена чест ја пречекала Мурму, која е првиот претседател на Индија што престојува во официјална посета на Македонија.

 – Со огромна чест ја пречекав Друпади Мурму, прв претседател на Република Индија кој престојува во официјална посета на македонската држава. Разговаравме за македонско-индиските односи, со акцент на можностите за соработка во економијата, образованието, науката, културата, туризмот, здравството и дигиталната трансформација – напиша Сиљановска-Давкова.

Таа нагласи дека заедничкото хумано наследство на Света Мајка Тереза, како и искуството од Движењето на неврзаните, претставуваат цврста основа за отворање ново поглавје во односите меѓу Македонија и Индија.

 – Заедничкото хумано наследство на Света Мајка Тереза, како и искуството од Движењето на неврзаните, се цврсти темели на новата ера во македонско-индиските односи – истакна претседателката.