Фото: ЕПА/ Илустрација

Спасувачките екипи и денеска продолжуваат со потрагата по исчезнатите лица по бродоломот во Гвајана, во кој досега се спасени 67 лица. Властите предупредуваат дека официјалниот список на патници не бил целосен, поради што бројот на исчезнатите може да биде значително поголем од првичните проценки.

Несреќата се случила во северозападниот дел на земјата, во близина на регионот Есекибо – територија што е предмет на долгогодишен спор меѓу Гвајана и Венецуела.

Според официјалните информации, меѓу спасените има 41 маж, 11 жени и 15 деца – шест момчиња и девет девојчиња. Досега се пронајдени и телата на две лица, маж и жена.

Министерот за јавни работи, Хуан Еџил, изјави дека властите утврдиле оти списокот со 133 патници и членови на екипажот не ги опфаќал сите лица што биле на бродот.

 – Огорчени сме што откривме дека списокот не ја прикажува вистинската состојба. Можно е бројот на исчезнатите да биде поголем од досега проценетите 66 лица – изјави Еџил, апелирајќи до семејствата на сите кои биле на бродот да се јават кај надлежните за да се утврди точниот број патници.

Еџил претходно изјави дека ферибродот „МВ Барима“ е сертифициран за превоз на 397 патници и 284 тони товар. Бродот бил опремен со 250 елеци за спасување, два чамци за спасување и шест надувувачки сплавови.

Премиерот Марк Филипс најави темелна истрага за причините за несреќата, која ќе ги опфати сите околности – од качувањето на патниците до управувањето со бродот.

Тој соопшти дека двајца членови на екипажот биле позитивни на тест за употреба на канабис, а министерот Еџил рече дека постои можност и капетанот да бил позитивен на тестирањето.

 – Имаме нулта толеранција кон членови на екипажот кои консумираат алкохол или дрога додека се на должност, особено кога станува збор за капетанот. Во прашање се човечки животи и ваквото однесување ќе биде соодветно санкционирано – изјави Еџил.

Во меѓувреме, властите ја проширија зоната на пребарување од 400 на 1.070 квадратни километри. Во спасувачката акција се вклучени и локални рибари, кои со своето познавање на теренот им помагаат на спасувачките екипи во потрагата по исчезнатите.