Andy Burnham
Фото: ЕПА

Енди Барнам и официјално е избран за нов лидер на владејачката Лабуристичка партија и денес ќе ја преземе функцијата британски премиер, наследувајќи го Кир Стармер. Со тоа, Велика Британија ќе го добие седмиот премиер во последната деценија – период обележан со изразена политичка нестабилност, пренесе „Би-би-си“.

Во својот победнички говор, Барнам порача дека неговата цел е да им ја врати надежта на граѓаните и да го промени политичкиот и економскиот систем, за кој оцени дека „едноставно не функционира доволно добро за обичните луѓе“.

Иако неговото лидерство беше формално потврдено во петокот, Барнам практично ја обезбеди позицијата уште минатиот месец, кога победи на дополнителните парламентарни избори во Мејкерфилд и се врати во Долниот дом. Таа победа го отвори патот за лидерската трка и го забрза повлекувањето на Стармер.

Одлуката за промена на раководството следуваше по разочарувачките резултати на Лабуристичката партија на локалните избори во мај, кои ги засилија стравувањата дека Стармер, и покрај убедливата победа на парламентарните избори пред две години, нема да може да ја задржи власта на следните избори.

Барнам, тогашен градоначалник на Голем Манчестер, брзо се наметна како најсериозен кандидат за лидерската функција. Неговиот близок соработник Џош Симонс поднесе оставка од пратеничкото место во Мејкерфилд за да му овозможи да се врати во парламентот, а по убедливата победа и силната поддршка од пратениците, изборот за лидер практично се претвори во формалност.

Новиот премиер зад себе има долгогодишно политичко искуство. Беше пратеник од 2001 до 2017 година и извршуваше повеќе министерски функции во владите на Тони Блер и Гордон Браун, меѓу кои и функцијата министер за здравство. По два неуспешни обиди да стане лидер на лабуристите, во 2017 година беше избран за градоначалник на Голем Манчестер.

Во таа улога стекна репутација на силен застапник на северна Англија и децентрализацијата, спротивставувајќи се на прекумерната концентрација на моќ во Лондон. Под негово водство, Манчестер бележеше економски раст и значајни инвестиции во јавниот превоз, што му го донесе прекарот „Кралот на Северот“.

За разлика од својот претходник Кир Стармер, Барнам во центарот на својата политичка програма ја става децентрализацијата, односно пренесувањето на поголеми овластувања и финансиски средства од централната власт кон регионите, што го претставува како клучен предуслов за порамномерен економски развој и подобар животен стандард низ целата земја.