Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека по добиено барање од Јавното обвинителство веднаш излегол на терен во Гостивар, каде што биле земени примероци за микробиолошки и физичко-хемиски анализи, пренесе МИА.
По враќањето на екипата од терен, во раните утрински часови во четврток, веднаш започнала постапката за лабораториска обработка на примероците.
Од ИЈЗ информираат дека анализите се спроведуваат по известувањето од ЈЗУ Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ – Гостивар за нагло зголемен број пациенти со гастроинтестинални симптоми.
-Со цел анализите да бидат изработени стручно и навремено, стручни лица од Институтот работат и за време на викендот. Резултатите ќе бидат доставени до барателот, односно Јавното обвинителство, за натамошно постапување – соопштија од ИЈЗ.
Институтот посочува дека е во постојана комуникација и координација со надлежните државни институции.
Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем, поради основано сомнение дека водата е загадена и небезбедна за употреба.
Од управата на Општата болница во Гостивар потврдија дека во изминатите денови повеќе од илјада граѓани побарале лекарска помош поради стомачни тегоби. Случајот стана актуелен откако беше регистриран значително зголемен број пациенти со гастроинтестинални симптоми.

































