Фото: ЕПА

Во Шангај претставена кинеската визија за развој на вештачката интелигенција втемелена на отвореност и глобална соработка

  • Суштинската разлика меѓу пристапите на САД и Кина во трката за вештачката интелигенција, според аналитичарите, лежи во тоа што тие оптимизираат различни извори на конкурентска предност. Американскиот модел се темели на заштита на најнапредните способности преку интелектуална сопственост, ограничен пристап и комерцијализација на врвните модели, при што тие создаваат предност преку контрола на технологијата и монетизација на ексклузивниот пристап. Кинескиот пристап, пак, настојува конкурентската предност да ја изгради преку масовна распространетост на технологијата. Наместо да ја ограничува употребата, тој ја поттикнува нејзината широка примена во индустријата, науката и јавниот сектор, со очекување дека големиот број корисници, програмери и компании ќе создадат динамичен екосистем кој ќе генерира нови иновации и ќе ја зацврсти позицијата на Кина како глобален технолошки центар

При посета на најголемите кинески компании од различни дејности – од градежништвото, авијацијата, медицината, автомобилската индустрија… кај сите нив, главно, може јасно да се забележи една заедничка карактеристика, односно употребата на вештачката интелигенција (АИ) во процесите и методите на работа, што отворено се претставува и пред гости и медиуми од странство, во што имаше прилика да се увери и група новинари од Македонија, што неделава беше на посета во Кина. На пример, во погонот за производство на електрични возила на технолошкиот гигант „Шаоми“ во Пекинг, можете да видите како роботи ги монтираат вратите на возило за дваесетина секунди со помош на вештачката интелигенција, според презентацијата на компанијата, додека во кинеската инфраструктурна групација „Пауер Чајна“ во Ченгду, се прикажува како АИ се користи при поставување големи конструкции, како што се мостовите во урбани средини.

Според определбата на Кина за споделување на АИ-иновацииите се стекнува првичен впечаток дека Вашингтон и Пекинг заземаат различни пристапи во трката за развој на вештачката интелигенција. САД ставаат поголем акцент на контрола врз најнапредните технологии, додека Кина изразува залагање за поотворен пристап кон развојот на АИ.

Тоа беше нагласено и во обраќањето на кинескиот претседател Си Џинпинг на Светската конференција за вештачка интелигенција (ВАИЦ) и состанокот на високо ниво за глобално управување со вештачката интелигенција што се одржуваат во Шангај неделава.

– Сите земји треба да имаат пристап ориентиран кон луѓето и да ја развиваат вештачката интелигенција за позитивно и за добро. Треба да се осигуриме дека вештачката интелигенција е важен двигател за заеднички просперитет и заедничка безбедност – истакна кинескиот претседател Си Џинпинг во Шангај.

Во своето обраќање претседателот Си Џинпинг ја претстави кинеската визија за развој на вештачката интелигенција како систем заснован на „отвореност, соработка и споделување“, повикувајќи на поголема употреба на модели со отворени тежини и, во одделни случаи, со отворен код, поширока меѓународна соработка и рамноправен пристап до технологијата. Тој истовремено предупреди дека прекумерното повикување на националната безбедност не смее да стане оправдување за ограничување на технолошката размена и повика на воспоставување поправеден глобален систем за управување со вештачката интелигенција. Кина најави и дополнителна поддршка за земјите во развој преку обуки, центри за соработка и трансфер на знаење во областа на АИ.

– Развојот на вештачката интелигенција не треба да биде соло изведба од која било земја, туку симфонија на глобална соработка – нагласи Си Џинпинг на отворањето на годишната Светска конференција за вештачка интелигенција во Шангај.

Оваа година, конференцијата во Шангај обединува повеќе од 1.100 компании и околу 3.000 технолошки производи, со над 300 глобални презентации. Водечките кинески програмери претставуваат нова генерација на големи јазични модели – вклучувајќи ги оние на „Алибаба“ и на „Тенсент“.

 

Кои се разликите меѓу американскиот и кинескиот пристап?

 

Суштинската разлика меѓу пристапите на САД и Кина, според аналитичарите, лежи во тоа што тие оптимизираат различни извори на конкурентска предност. Американските компании во голема мера се потпираат на заштита на најнапредните способности преку интелектуална сопственост, ограничен пристап и комерцијализација на врвните модели, при што тие создаваат предност преку контрола на технологијата и монетизација на ексклузивниот пристап. Кинескиот пристап, пак, настојува конкурентската предност да ја изгради преку масовна распространетост на технологијата. Наместо да ја ограничува употребата, тој ја поттикнува нејзината широка примена во индустријата, науката и јавниот сектор, со очекување дека големиот број корисници, програмери и компании ќе создадат динамичен екосистем кој ќе генерира нови иновации и ќе ја зацврсти позицијата на Кина како глобален технолошки центар.

Вашингтон и Пекинг притоа се натпреваруваат, не само во создавањето на моќни АИ-модели, туку и во дефинирање на начинот според кој овие технологии ќе се развиваат, комерцијализираат и усвојуваат на планетарно ниво.

Дел од водечките американски технолошки компании како „ОпенАИ“ и „Антропик“ генерално даваат приоритет на задржување на технолошката предност преку сопственички модели и ограничен пристап до нивните најмоќни системи, додека водечките кинески компании, меѓу кои се „Дипсик“ и „Муншот“, сè почесто се определуваат за објавување модели со отворени тежини или со отворен код. Целта е да се забрза нивното усвојување, да се прошири заедницата на развивачи и да се изгради глобален екосистем кој ќе ја зголеми распространетоста на кинеските технологии.

Додека Вашингтон продолжува да инвестира милијарди долари за да го одржи своето технолошко водство, особено во областа на вештачката интелигенција, Кина бележи брз напредок во развојот на ценовно попристапни и технички напредни модели. Но, трката за развој на вештачката интелигенција нема да се одлучува исклучиво според тоа кој ќе го создаде најмоќниот модел. Подеднакво важно ќе биде кој ќе успее да изгради поголем екосистем од развивачи, компании, институции и држави што ќе ги прифатат неговите технологии како основа за идниот дигитален развој. Во таа смисла, американската стратегија ја нагласува заштитата на револуционерните способности, додека кинеската сè повеќе се потпира на широка примена, раст на екосистемот и глобално усвојување. Двете стратегии имаат иста крајна цел – долгорочно технолошко лидерство – но избираат различни патишта за да стигнат до неа.

Во анализа на американскиот портал „Аксиос“ детално се наведува дека конкуренцијата повеќе не се однесува само на тоа која земја го развива најнапредниот модел на вештачка интелигенција, туку е сè повеќе фокусирана на пристапност, прифатливост и глобално усвојување.

 

Создавањето на ВАИЦО – кинески одговор на американската иницијатива „Пакс силика“

 

Пекинг води и глобална технолошка дипломатија. Кина и уште 28 земји, вклучувајќи ги Русија и Бразил, во четвртокот ја формираа Светската организација за соработка со вештачката интелигенција (ВАИЦО) со цел да се спротивстават на технолошките монополи.

Создавањето на Светската организација за соработка во вештачката интелигенција се смета за најамбициозен предлог на Кина претставен на конференцијата во Шангај. Станува збор за меѓународно тело предводено од Пекинг, чија цел е да ги координира стандардите, техничката соработка и заедничкиот развој меѓу земјите учеснички. Основниот договор беше потпишан неделава од страна на 29 нации, со избор на Шангај како идно постојано седиште. Според кинеските претставници, организацијата „ќе го демократизира пристапот до вештачката интелигенција и ќе спречи неколку сили да контролираат стратешка технологија“.

Кина за таа цел ќе обезбеди 5.000 програми за обука и семинари за вештачка интелигенција во текот на следните пет години и ќе соработува со глобални организации за развој на „меѓународни центри за соработка со апликации за вештачка интелигенција“, како што порача кинескиот лидер Си Џинпинг.

Кина ќе ја прошири соработката со вештачката интелигенција со Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија, Лигата на арапските држави, Африканската Унија, Заедницата на латиноамерикански и карипски држави, Шангајската организација за соработка и земјите од БРИКС, рече претседателот Си. Тој вети дека ќе обезбеди пристап за 30 земји до метеоролошка алатка на погон на вештачка интелигенција, развиена од Кина, која обезбедува системи за рано предупредување.

Новата организација за соработка во областа на вештачката интелигенција може да се смета за одговор на Кина на иницијативата „Пакс силика“ преку која американската влада се стреми да зајакне меѓународна коалиција изградена околу американската вештачка интелигенција и полупроводничка технологија. Стејт департментот неделава ја прошири својата иницијатива „Пакс силика“, осмислена со цел да воспостави синџир на снабдување со вештачка интелигенција и чипови предводен од САД, а воедно и за намалување на зависноста од кинеската технологија.

Рамката „Пакс силика“, лансирана кон крајот на минатата година, се фокусира на зајакнување на соработката со сојузниците и партнерите на САД во синџирите на снабдување поврзани со вештачката интелигенција. Во меѓувреме иницијативата е проширена на 35 држави. Потписници, меѓу другите, се Јапонија, Велика Британија, Австралија, Филипините, Израел, Индија…

 

Ниту еден систем не е целосно отворен, ниту затворен

 

Сепак, треба да се истакне дека во пракса, ниту американскиот ниту кинескиот екосистем не се целосно отворени или целосно затворени. Американските компании објавуваат дел од своите истражувања, алатки и помали модели кога тоа придонесува за развојот на екосистемот, додека кинеските компании и државни институции задржуваат контрола врз критичните технологии, инфраструктурата и најчувствителните компоненти. И двете страни внимателно комбинираат сопственички средства со селективна отвореност секогаш кога тоа им служи на нивните долгорочни стратешки интереси.

САД се обидуваат да го одржат технолошкото водство преку силни приватни инвестиции, доминација на водечките компании и ограничувања на извозот на напредни чипови во Кина, тврдејќи дека прекумерната регулација може да ги попречи иновациите. Европа, од друга страна, стави акцент на регулацијата, основните права, транспарентноста и правната одговорност на програмерите.

Но, кинеските компании за вештачка интелигенција не мора нужно да ги надминат актуелните лидери во АИ-индустријата како што се „ОпенАИ“ или „Антропик“ за да го преобликуваат глобалниот пејзаж на полето на вештачката интелигенција, сметаат познавачите на состојбите во областа на АИ. Доколку кинеските модели се широко достапни, економични и лесни за распоредување, тие би можеле да станат претпочитан избор за владите и бизнисите ширум светот.