Лосион против ќелави во умот

Не постои вечна љубов, ниту вечен мир. Секој обид да го држите сопствениот народ во заблуди дека светот почива на заемно разбирање, солидарност и пријателство, а уште повеќе така да образувате и воспитувате генерации е пат што води кон пропаст и катастрофа. На вашата држава. И на вашиот народ. Светот, драги мои, за жал, отсекогаш почивал на вечни интереси и вечни војни. Од моментот кога на континентот Европа јасно се изградиле две страни, идеалот за љубовта кон другиот како љубов кон себе исчезнал во времето римско кога во 395 година царството се поделило, едното на источно, а другото на западно. Сите оние што живеат со пропагандата за новиот човек на Европа што треба да се одрече од минатото, сакаат да ве натераат да ја отфрлите емпиријата, односно сознанието за нештата што им се случиле на оние пред вас. Да не се подучувате од знаењето за она што било, води кон тоа да ги повторите грешките на оние пред вас, затоа што така или инаку, во овие 3.000 години северно од Сахара и јужно од Балтикот не се случува ништо ново. Старите лаги и измами им се продаваат на новите будали. А лаги и будали на овој свет, имало и ќе има колку што ви душа сака.
Во последните 2.500 години успешно се продава лосион против ќелавост. Замислете, колку милиони луѓе продале, а колку милиони пак купиле нешто што нема никаква употребна вредност. Човекот е наивно суштество. Човекот верува. Човекот се надева. И на крајот од сѐ: човекот се плаши! А сѐ додека кај луѓето постојат тие својства, сѐ дотогаш ќе има продавачи и купувачи на најразлични лосиони за најразлични недостатоци. Најпродаваниот производ во Македонија во последните триесет и пет години е членството во Европската Унија, што јас го доживувам како продажба на лосион против колективната ќелавост на Македонците од машки пол. Не знам како по толку лажни суплементи не разбравме дека без влакна на тимбата се живее, ама потешко оди без ум во главата. Дополнително, кога некој производ ви се нуди со кампања дека ако не го купите ве очекува голема немилост, па дури и смрт со војна, веднаш треба да ви стане јасно дека се користат сите стари и добро проверени техники за продажба на нешто безвредно и неефикасно со помош на инструментите и средствата на стравот. До овој момент, производот на продавачите на лаги и измами наречен „европски вредности“, јас го доживувам како продавање лосион за растење коса! Скапо се плаќа, многу се очекува, а уште повеќе се разочарува тој што на крајот од приказната ќе види дека станува збор за обична измама. Утехата е во тоа што пред вас и со вас на истиот начин се измамени и многу други.
Едни од најголемите компании на светот, „Фолксваген“ и „Мерцедес“, деновиве донеле одлука за прекинување на дел од производството на автомобили и пренамена на индустријата во производство на воена опрема, техника и оружје. Во ред е, можете да ја игнорирате реалноста дека Германија е земјата што масовно се вооружува со пропагирање јавен страв кон своите граѓани дека е загрозена од непријателот, кој по третпат во последните сто години се наоѓа источно од рајот. Името му е Русија. Во игра како резервен непријател овој пат е и земјата викана Кина. А сосема скоро очекувам на тој список да се најдат агресивните јенки и вечно сомнителните брити. Не гледајте во минатото, добрата иднина е она што ќе дојде утре, евентуално задутре. Мачкајте од лосионот. Вашата ќелавост е минато, кое е празно и грдо. Иднината е бујна и убава како густа кадрава руса коса, која кај и да е ќе порасне на вашата глава. Тоа што Вермахтот ги полни магацините со оружје е поради фактот што навистина е глупо да имате големи и пространи магазини, а тие да ви зјаат празни поради шиткање на резервите на храбрите Украинци, кои се подготвени да загинат до последен заради остварување на заедничката бесценета цивилизациска вредност: демократија и мир! Тоа е. Некои работи се зададени во нашата генетика и местото на раѓање и живеење. Ние не можеме да се промениме. Ние не можеме да бидеме подобри. Кој и да го замени оној пред него е ист како него. Овде животот е грд и бесмислен. Онаму сѐ е убаво и совршено. Тоа не смееме да го проверуваме и доведуваме во прашање. Ако, пак, сепак се посомневате, ќе добиете казна за погрешно размислување! „Слободата е ропство – ропството е слобода“. Утврдено е и тоа. Проклетиот Англичанец Џорџ Орвел ми е современик. Како и Шекспир Вилијам, ко што тврди Чехот Кот Јан.

Но и покрај стравот од казна – размислувам што ќе се случи кога ќе се наполнат маазите, а оние што ги полнат ќе продолжат да произведуваат нови и нови оружја? Логиката кажува дека треба да се направи место за подобри и посовршени воени машини, кои овој пат ќе ја извојуваат победата. Во минатата војна само поради две побунети држави на југот на Европа, Грција и Југославија, кои требаше да се дотераат во ред, и една непредвидлива, рана и студена руска зима, така да се каже – славната победа им се лизна од раце. Човечки е да се биде оптимист. Прифаќам да се мисли само на најдоброто, ама под претпоставка да бидете подготвени за најлошото. За што сме ние подготвени? Сме извлекле ли некоја поука од лажните флоскули на псевдокомунистите за земјата што „живееше во стогодишен мир, но се подготвуваше како за утре да ќе има војна“? Како заврши таа држава? Се викаше Југославија. Голем дел од оние што го читаат ова се сеќаваат. Во прав и пепел. Не знам колку треба човек да биде образован или колку треба да биде интелигентен за да разбере дека корпорациите што произведуваат оружје немаат морални дилеми за што е наменето сето она што го прават и продаваат. Нивниот интерес се дивидендата, добивката и капиталот. Не знам, ама навистина не ми лета ниту во косата, а ниту во умот зошто мислите дека тие „интелигенти и добри чичковци инженери“, изумители и продавачи на оружје биле специјално потресени од милионите жртви во двете последни светски војни? Знаете што се случило една недела по крајот на Втората светска војната? Се вратиле на производство на автомобили, камиони, багери и булдожери со кои требало да се исчистат урнатините и пепелта што ги направиле нивните тенкови, топови, авиони, гранати и бомби. Истите тие фолксвагени и мерцедеси. Се обидувам да имплицирам дека Германија се подготвува за нова војна, ли? Токму работа! Со полни магазини пушки и куршуми се оди и на свадба! Кога е весело, нека се пука од среќа! Оставам на сите алтруисти што веруваат дека она што не сакаат, нема ни да им се случи, па вековите пред нив ќе ги слават како време на вечниот мир. Доволно е тие само доволно силно да сакаат за тоа да се случи. Толку е просто. Не верувајте им на оние што зборуваат за некаков крај на некакво патување кон некаков замислен континент на среќата и благосостојбата. Тоа е пропаганда и не треба да се наседнува на неа. Тоа е измама. И лажни вести.
Драги мои, во далечната 1648 година во малото место Минстер во Вестфалија (пак Германија!) по таканаречената, внимавајте на ова – триесетгодишна војна, постигнат е мир, кој ги вклучува остатокот од Западното Римско Царство и тогаш многубројните големи и мали европски кралства, царства и кнежевства. Многу работи се кажани, договорени и напишани во таа речиси една година додека повеќе од стотина делегации на стотина европски големи и мали држави и државички шетале од Оснабрик до Минстер и обратно. Она што е суштината на тоа што денес го познаваме како Вестфалски договор е согласувањето на сите дека ќе го почитуваат принципот на немешањето на една земја во внатрешните работи на друга, без разлика на нејзината големина и сила! Тоа е патот кон општиот и прифатлив мир, нели? Ова на Германците мора да им се признае. Добога е возвишено и бесценето! Безмалку триста години подоцна, по повеќе од сто локални судири, десет големи европски и две светски војни, оние што го договорија ова не почитуваат ништо од тоа големо достигнување на западната римска цивилизација, која на човештвото му ги даде најголемите вредности. Како што се мирот и љубовта – кои се основните состојки на лосионот за ќелавост што погоре го споменав. Лосион што интензивно се произведува на Запад, а се продава на Исток, гледано по изгрејсонцето.

С* додека има ќелави ќе има и лосиони за растење коса. Таков е овој цивилизиран животот, драги мои. Наивен и фин. Безмалку фински.
Стареам, полека, но сигурно и неповратно ја губам коста. За среќа, денес веќе има лек за тој голем проблем, кој, да бидеме искрени, кај ќелавите мажи создава и други непријатности, за жал, на други поважни места, мускули и органи. Не сум размислувал за таа можност. Пресадување коса. Се обидувам да се посветам на она што треба да се всади или во нашиот случај – ДА СЕ ПРЕСАДИ внатре, во главата на Македонците! По триесет и кусур години независност, време е да разберат, особено мажите од светот на политиката, дека поважна е грижата за умот од грижата за косата. И дека без влакна на главата ќе преживееме ама без ум – не верувам. Во суштина, убеден сум дека нема. Да живееме. Но ќе преживееме. Оти не сме сите ќелави во умот.

Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа прима“

Јани Бојаџи