Францускиот „Манифест на македонизмот“ одекна пред сто години

Чествување на ликот и големото промакедонско дело на познатиот француски писател Анри Барбис по повод 153 години од неговото раѓање

  • Францускиот писател Анри Барбис, во својата прочуена статија „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“ („La question macédonienne est-elle si complexe que cela?“), објавена во списанието „Балканска федерација“ („Fédération Balkanique“) бр. 51 на 1 ноември 1926 година, нагласил дека македонското население историски било вкоренето во Македонија, но му биле одземени основните национални права

Навистина станува збор за една нација. Нација што има свој оригинален етнички карактер, свои традиции, свои стремежи, своја единствена и специфична личност. „Овој народ, на самата почва каде што се развил и опстојувал… се третира како збир на робови и злосторници“, напишал францускиот писател Анри Барбис во својата прочуена статија „Дали македонското прашање е навистина толку сложено?“ („La question macédonienne est-elle si complexe que cela?“), која е објавена во списанието „Балканска федерација“ („Fédération Balkanique“) бр. 51 на 1 ноември 1926 година. Во истиот текст, Барбис нагласил дека македонското население историски било вкоренето во Македонија, но му биле одземени основните национални права. Бугарите и Грците денес со фалсификати тврдат дека Македонците се „народ без историски корени“, а Барбис пред еден век јасно ги негирал ваквите тврдења. Уште пред сто години, Барбис зборува експлицитно за Македонците како посебна нација, а не како дел од друга балканска нација.
Тој е еден од најпознатите европски интелектуалци од времето меѓу двете светски војни, како дел од големата низа француски и европски интелектуалци, кои јавно говореле и пишувале за македонското прашање, за постоењето на македонскиот народ и за македонскиот јазик. Барбис ги искажува своите погледи особено во контекст на политичката состојба на Балканот по Првата светска војна, поделбата на Македонија и репресиите врз македонското население во Егејска и Вардарска Македонија. Четири години подоцна, на 28 јуни 1930 година во статијата „Поробен народ“ („Un peuple asservie“) во весникот „Монд“ број 108, блескавиот француски писател, добитник на највисоки француски државни награди за вредностите на својата литература, ќе напише: „Македонците, коишто имаат свој автентичен посебен јазик и своја неспорна етничка оригиналност, го немаат дури ни правото да се нарекуваат Македонци. Нам ни припаѓа правото јасно и високо да протестираме против поробувањето и угнетувањето на еден народ“.
Во „Поробен народ“, францускиот писател употребува директно за Македонците оригинални француски формулации „une nation“, „langue distincte“ и „originalité ethnique“, кои во францускиот политички и интелектуален речник од тоа време имале многу силно значење и означувале: посебен народ, посебен идентитет и различен, посебен јазик. Ова е еден од најдиректните француски интелектуални цитати каде што се употребуваат формулациите „свој посебен јазик“ и „неоспорна етничка оригиналност“. Тоа е јасно признавање на постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик среде интелектуална Франција и интелектуална Европа. Зошто Анри Барбис имал такви ставови за македонскиот народ? Тие ставови не биле случајни, произлегувале од неговиот антиимперијализам и левичарски интернационализам. Тој бил познат пацифист и левичарски интелектуалец, автор на романот „Оган“ („Le Feu“), по кој станал светски познат. Барбис жестоко се спротивставувал на националното угнетување, асимилацијата и репресиите врз националните малцинства. Во меѓувоениот период активно се интересирал за Балканот и сметал дека македонското население е жртва на поделбата на Македонија меѓу Грција, Србија и Бугарија.

Исклучително историско значење на ставовите на Барбис

Анри Барбис, големиот пријател на македонскиот народ, е роден на 17 мај 1873 година во Париз, а починал на 30 август 1935 година во Москва. Оваа статија е потсетување, но и чествување на неговата личност и промакедонско дело, кое одекнало силно во неговото време во срцето на Европа и во Балканот.
Потекнувал од интелектуално семејство и уште од младоста покажувал интерес за литература, поезија и новинарство. Не само како француски писател и интелектуалец туку и како општественик, Барбис се залагал силно за заштита на македонското население од тероризирање. Како член на Комунистичката партија на Франција (1923) бил претседател на Светскиот комитет против фашизмот и војната и претседател на Комитетот за одбрана на жртвите од белиот терор на Балканот, со седиште во Париз. Меѓу другото, учествувал во анкетата за теророт од ванчомихајловистите врз недолжното македонско население и заедно со други интелектуалци испратил протестна телеграма до бугарската влада во 1925 година. Во својата книга „Џелатите. Во Балканот: бел терор (еден ужасен политички процес“), објавена во 1926 година во Париз, го осудил теророт на бугарската влада на Александар Цанков во пиринскиот дел на Македонија.
Барбис бил поврзан и имал контакти со левичарски кругови околу списанието „Балканска федерација“, каде што често се застапувало правото на самоопределување на народите на Балканот. Во тие кругови, македонското прашање се претставувало како нерешено национално прашање. Ставовите на Анри Барбис се реакција на асимилаторските политики: во неговите текстови има силна критика кон политиките на негирањето на македонскиот идентитет, особено и во егејскиот дел на Македонија. Тој сметал дека е неправедно народ со свој јазик, локална култура и историски континуитет да нема право на сопствено име и национално признавање.
Историското значење на неговите ставови е исклучително, бидејќи се изнесени од познат западноевропски интелектуалец, но и со оглед на тоа што се изнесени многу пред официјалната кодификација на македонскиот литературен јазик во 1945 година. Ставовите на Барбис претставуваат пример и потврда на фактот дека во западноевропската интелектуална јавност постоеле автори што ги признавале Македонците како посебен народ.
Анри Барбис оставил големо книжевно и публицистичко дело. Точниот број на неговите дела зависи од тоа дали се бројат само оригиналните книги или и сите подоцнежни изданија, преводи, статии и брошури. Според „Отворена библиотека“ („Open Library“), отворената глобална дигитална библиотека на непрофитната организација „Интернет архива“ („Internet Archive“), денес му се припишуваат околу 247 изданија и дела. Но неговите главни оригинални книги и познати дела се неколку десетици – романи, поезија, публицистика, биографии и политички текстови.
Некои од неговите најзначајни книги се книгата со поезијата од 1985 година „Оплакувачи“ („Pleureuses“), романот од 1903 година „Молители“ („Les Suppliants“), романот од 1908 година „Пекол“ („L’Enfer“), како и антивоениот роман за Првата светска војна „Оган“ („Le Feu“), со кој стекнал светска слава и ја освоил престижната и највисока француска книжевна награда „Гонкур“ („Prix Goncourt“). Посебно го издвојуваме и неговиот „Манифест кон интелектуалците“ („Manifeste aux intellectuels“), кој е познат есеј и политички повик на Анри Барбис, објавен првично во 1927 година, а подоцна доживува повеќе изданија во 1929 и 1930 година. Тој ги повикува преку овој манифест писателите, уметниците и мислителите активно да се вклучат во општествените промени. Барбис ја нагласува општествената одговорност на интелектуалците: во есејот истакнува дека писателите и уметниците не смеат да бидат само пасивни набљудувачи или творци изолирани во својата уметност, туку оти мораат да преземат јасна општествена улога и да се борат за праведност.

Во оваа смисла, делото на францускиот писател и интелектуалец Анри Барбис и денес е дословно своевиден француски „Манифест на македонизмот“, француски „Манифест кон интелектуалците“ во Франција, Европа и светот, кажано со неговиот сопствен речник, за праведно решавање на македонското прашање и за признавање на етничката оригиналност и самобитност на македонскиот народ со неговиот македонски јазик. Делото на Барбис е жестока негација на апсурдните бугарски, грчки и сечии други негирања на македонскиот идентитет и јазик, на етничката и идентитетската засебност на Македонците во Балканот, Европа и во светот. Но тоа дело е и жестока порака до неговиот денешен сонародник Емануел Макрон, моментниот шеф на француската држава, кој се залага, како што има кажано самиот, за „правда за бугарските барања“, дека треба да постои правда поправо за македонските барања.


Борбата на Анри Барбис за ширењето на вистината за Македонија среде Европа

Професорот по француски јазик и поранешен декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, д-р Божидар Настев, во својата статија „Анри Барбис и Македонија“, истакнува дека Барбис во дваесеттите години на минатиот век не само што живо се интересирал за Македонија, како впрочем и за другите балкански земји, „туку и се ангажираше посебно да ja каже пред светот вистината за патилата што ги поднесуваше македонскиот народ од многубројните угнетувачи“.
– Ставајќи ги во услуга на македонскиот народ и своето перо и големиот авторитет што тој го уживаше во светот како борец за правда, Анри Барбис го даде својот голем придонес во неговата борба за општествена и национална слобода. Затоа во него гледаме еден од оние слободоумни и смели духови на Франција, кои најмногу придонесоа оваа земја во очите на многу наши поколенија да значи симбол на слобода и напредок. Публицистичкото и книжевно дело на Барбис што се однесува на Македонија не било досега предмет на посебни осврти и останало до голема мера во сенка. Но не е без интерес да се знае што мислел големиот француски писател за нашата земја и со колку жар се залагал за остварување на правата на македонскиот народ – ќе нагласи починатиот професор Настев во таа статија.
Во оваа смисла, овој текст на „Нова Македонија“ за Анри Барбис е прилог кон реактуализацијата на неговото дело и неговата интелектуална и книжевна борба за Македонија, за ширењето на вистината за Македонија и Македонците среде Европа пред повеќе од еден век.

Свето Тоевски