Рускиот претседател, Владимир Путин, пред дводневната посета на Кина, испрати порака до кинеските граѓани, изјавувајќи дека е радосен што повторно го посетува Пекинг на покана на својот долгогодишен пријател, кинескиот претседател Си Џинпинг.
Путин во видео-обраќањето нагласи дека односите меѓу Русија и Кина се на „неспоредливо високо ниво“, засновани врз взаемно разбирање, доверба и рамноправна соработка.
Тој додаде дека пријателството меѓу двете земји не е насочено против никого, туку има цел „мир и заеднички просперитет“, и истакна дека Русија и Кина се поактивно соработуваат во политиката, економијата, одбраната и хуманитарната сфера.
Според неговите податоци, трговската размена меѓу двете земји ја надминала границата од 200 милијарди долари, а поголемиот дел од плаќањата веќе се вршат во рубљи и јуани.
Путин исто така ја поздрави воведената безвизна размена меѓу двете држави која, како што рече, ќе придонесе за зголемена економска и туристичка соработка.
Посетата на Кина се очекува да вклучи разговори за клучни и чувствителни прашања, меѓу кои и соработката во енергетскиот сектор, соопшти советникот на Кремљ Јуриј Ушаков.






























