Реакцијата на дел од медиумите по мојот текст за корупцијата како безбедносна закана отвори едно многу поважно прашање од самата полемика: дали воопшто сме подготвени сериозно да разговараме за институционалната ранливост или секоја анализа автоматски ја претвораме во политичка пресметка?
Во текстот никаде не беше кажано дека Македонија е „непријател“ на НАТО, ниту дека државата ја „саботира“ Алијансата. Тоа не беше ниту тезата, ниту поентата. Напротив.
Тезата беше многу поедноставна, дека корупцијата, клиентелизмот, нефункционалните институции и разредената одговорност создаваат ранливости кои во современи услови имаат директна безбедносна димензија.
И тоа не е радикална или анти-НАТО теза, тоа е официјален безбедносен дискурс во најголемиот дел од западните безбедносни стратегии денес.
Современите закани повеќе не се само воени. Тие се хибридни, институционални, сајбер, економски и инфилтративни. Затоа, институционалната отпорност стана клучен дел од колективната безбедност. Токму затоа НАТО, ЕУ и западните безбедносни структури сѐ повеќе зборуваат за „resilience“ што е отпорност на институциите.
Зошто?
Затоа што силата на еден безбедносен систем не се мери само преку оружје, армии и буџети. Таа се мери преку отпорноста на неговата најслаба точка. Во безбедносната практика, понекогаш најголемиот ризик не е висок функционер или голема институција. Понекогаш тоа е еден компромитиран службеник, една корумпирана административна точка, еден слаб линк низ кој може да се наруши целиот систем.
Во сајбер-безбедноста одамна постои принцип дека системот е силен онолку колку што е силна неговата најслаба алка, истото важи и за НАТО.
Колективната безбедност не е апстрактен концепт. Таа е мрежа на институции, процедури, доверба, размена на информации и оперативна координација. Доколку една членка има слаби институции, нарушен мерит систем, и висок степен на корупција, тоа не останува исклучиво внатрешен проблем.
Тоа создава ранливост во поширокиот безбедносен екосистем. Токму тука дел од реакциите целосно ја промашија суштината на текстот.
Наместо да се дискутира дали корупцијата и институционалната слабост претставуваат безбедносен ризик (што е легитимна и сериозна дебата) се создаде поедноставена и политички погодна интерпретација дека текстот наводно ја претставува Македонија како закана за НАТО. Тоа не е истата теза!
Да се каже дека институционалната слабост создава безбедносна ранливост не значи дека државата е непријател на Алијансата. Напротив, тоа значи дека државата мора да биде посилна, поотпорна и пофункционална токму затоа што е дел од Алијансата.
Сериозните безбедносни системи не се зајакнуваат со негирање на слабостите но се зајакнуваат со нивно препознавање. Да се укажува на институционални слабости не е саботажа на државата или на НАТО. Игнорирањето на тие слабости е многу поопасно.
Затоа што корупцијата не е само финансиски криминал. Таа е механизам што ја намалува отпорноста на институциите, ја еродира довербата, ја нарушува професионалноста и создава простор за влијание, инфилтрација и компромитација. Во современи услови, тоа е безбедносен проблем.
И токму затоа најразвиените демократии денес корупцијата ја третираат како прашање на безбедност, а не само како прашање на етика или добро владеење.
Но можеби најзагрижувачкиот аспект од целата реакција е нешто друго, можеби е леснотијата со која аналитичка дебата се заменува со политичка етикета.
Наместо расправа за институционалната отпорност, добивме расправа за „саботажа“. Наместо аргументи за безбедносната ранливост, добивме политичка интерпретација на нешто што беше стратешка анализа. Тоа не е добро за јавната дебата. Затоа што државите не стануваат посилни кога ги замолчуваат предупредувањата но стануваат посилни кога имаат капацитет да ги слушнат.
Дополнително загрижува фактот што една аналитичка теза за институционална отпорност беше претворена во политичка конструкција, во обид критиката кон системските слабости да се прикаже како напад врз државата или НАТО ориентацијата на земјата.
Тоа не само што е неточно, туку и целосно ја промашува суштината.
Нашиот институт со години работи токму на спротивното, зајакнување на институционалниот капацитет, унапредување на безбедносната култура, поддршка на реформите и приближување кон повисоки евроатлантски стандарди. Во изминатиот период беа понудени повеќе анализи, дебати, препораки и реформски предлози до различни институции, со цел подобрување на функционалноста, отпорноста и професионализацијата на системот. Но, проблемот е што сериозните анализи и предупредувања најчесто не се слушаат сѐ додека проблемите не станат видливи и кризите не станат реалност.
Токму затоа е апсурдно секоја критика кон слабостите автоматски да се претставува како „антидржавна“ или „анти-НАТО“ позиција.
Вистинска поддршка за Владата, за државата и за НАТО не е слепото негирање на проблемите, туку нивно препознавање и решавање. Сериозните сојузници не се градат врз пропаганда, туку врз функционални институции, професионален систем и висока отпорност кон корупција и влијанија.
И токму тука се појавува суштинскиот проблем со опозициски политички интерпретации. Кога аналитичка дебата се претвора во политичка етикета, се создава атмосфера во која институционалните слабости не смеат ни да се спомнат без некој веднаш да биде обвинет за саботажа.
За таа цел, и со цел оваа дебата да не остане на ниво на политички интерпретации и медиумски конструкции, туку да се води аргументирано и академски, упатуваме јавна покана до авторот на текстот и до целата опозиција, да присуствуваат и активно да учествуваат на јавната трибина што ќе се одржи на 22 мај во Порта Македонија за ова тема. “Институционалната отпорност, слабостите како безбедносен ризик, улогата на државните институции и предизвиците со кои се соочува современиот НАТО безбедносен систем”.
Раби Седрак
Институт за Стратегиски и Безбедносни Студии – Скопје
Редакциски осврт

Корупцијата како геополитичка болест
Двојни стандарди што ја разјадуваат довербата во НАТО и ЕУ
- Ниту една држава не смее да биде амнестирана од одговорност за корупцијата, ниту Украина, ниту Македонија, ниту пак старите членки на евроатлантските структури. Но, исто така, ниту една држава не смее да биде претворена во жртвено јагне за системски проблем што одамна ја нагризува цела Европа. Безбедноста не се брани со селективни морални лекции, туку со еднакви критериуми, институционална чесност и реална солидарност.
Во момент кога украинскиот претседател Володимир Зеленски ја интензивира дипломатската офанзива за што побрза интеграција на Украина во ЕУ и НАТО, Киев повторно е потресен од сериозен корупциски скандал кој не само што ја компромитира внатрешната стабилност на државата, туку и отвора суштински прашања за кредибилитетот на евроатлантските интеграции. Обвинувањата против Андриј Јермак, човек што долго време важеше за еден од најблиските соработници на Зеленски, и тоа за перење милионски суми и вмешаност во организирана криминална структура, претставуваат удар врз самата политичка архитектура што Украина се обидува да ја претстави како реформска и демократска.
Скандалот, дополнително засилен со протечени телефонски разговори во кои се спомнуваат лица од безбедносниот и енергетскиот сектор, не е само обичен случај на политичка корупција. Тој ја открива опасната симбиоза меѓу државната моќ, олигархиските интереси и паралелните финансиски мрежи кои функционираат во сенка на институциите. Таквите структури не се само морален проблем, тие претставуваат директна безбедносна закана, бидејќи ја поткопуваат довербата, ја еродираат ефикасноста на државата и го слабат капацитетот за одбрана.
Во таа смисла, прашањето за корупцијата денес веќе не може да се третира како техничко прашање на „добро владеење“. Тоа прерасна во стратешко и геополитичко прашање, и со тоа сме сите начисто, од државите, институциите, тинк-тенковите, до медиумите и јавноста. Корупцијата е вирус што ги разјадува институциите однатре, создава паралелни центри на моќ и ја претвора државата во плен на тесни интересни кругови. А кога таков систем треба да стане дел од колективен безбедносен механизам како НАТО, тогаш дилемите стануваат многу подлабоки.
Но, тука започнува и најчувствителниот дел од дебатата што ја отворивме: Прашањето за двојните стандарди!
Ако корупцијата навистина е егзистенцијална закана за Алијансата, тогаш критериумите мора да важат за сите. Не може Украина, со огромни и добро документирани корупциски афери, и понатаму да се третира како геополитички проект што по секоја цена мора да биде интегриран, додека Македонија, мала држава со ограничено влијание, но со континуирано исполнување на безбедносните обврски, да биде етикетирана како „ризик за НАТО“. Во експозицијата на колумната на Директорот, Македонија е спомената ДВА пати. И се’ што следи натаму се реферира на тоа име и тој субјект! Токму тука јавноста со право реагираше на колумната на директорот на Институтот за стратегиски и безбедносни студии, во која корупцијата во Македонија беше поставена во контекст на потенцијална закана за Алијансата. Тезата дека корупцијата може да стане безбедносен ризик сама по себе не е неточна. Напротив, таа е реална и одамна препознаена во современите безбедносни анализи. Но, проблемот настанува кога ваквите оценки се прават без поширок геополитички контекст и без споредбена перспектива. Зашто, ако Македонија е „ризик“, тогаш што е Украина? Што е со Бугарија, што е со Албанија, што е со Хрватска, ако сакате… Ако авторот генерализираше со феноменот корупција, тогаш и реакцијата, ваква како што беше форматирана, ќе изостанеше, а ќе имаше реакција на поддршка. Затоа што, ако институционалната слабост е дисквалификувачки фактор, тогаш дали истиот аршин важи и за државите што и покрај сериозните афери добиваат политички кредити поради својата геостратешка улога? Тука лежи суштината на нашата дилема.
Европската Унија и НАТО одамна не функционираат само како вредносни заедници. Тие функционираат и како политички системи на интерес, влијание и геополитичка нужност. Затоа Украина, и покрај корупциските скандали, останува приоритет за Западот, не затоа што ги исполнила европските стандарди, туку затоа што војната ја претвори во централна линија на судирот меѓу Западот и Русија. Но токму тука мора да бидеме сите внимателни…и ЕУ и членките и кандидатите за членство и Институтите и тинк тенковите и медиумите… Зашто доколку принципите се жртвуваат во име на геополитиката, тогаш самите евроатлантски институции ризикуваат да ја изгубат моралната основа врз која ја градат својата легитимност. Не постои „прифатлива корупција“ кога станува збор за безбедноста. Не постои „привремено толерирање“ на олигархиски системи без долгорочни последици. Па и историјата ни покажува дека „импортирањето нереформирани политички структури во сложени сојузи секогаш произведува институционални кризи“!
Но, исто така е опасно и селективното дисциплинирање на помалите држави. Македонија сеуште има проблеми со корупцијата, клиентелизмот и пониската функционалност на институциите, тоа е неспорно. Но рака на срце, прави чекори од седум мили нанапред! И тоа е факт што требеше да биде таму, во текстот на Институтот да се издвои!
И, затоа Македонија не смее да се третира како безбедносен паразит. Таа е држава-членка која континуирано учествува во мировни мисии, ги исполнува своите обврски кон Алијансата и не произведува геополитичка нестабилност. Напротив, токму нејзината евроатлантска ориентација беше еден од ретките стабилизирачки фактори на Балканот во изминатите две децении. Затоа на Македонија ѝ е потребна критика, но праведна критика. Потребни ѝ се реформи, но не и јавна стигматизација. Потребна ѝ е институционална реконструкција, но и поддршка, а не реторика што создава впечаток дека државата е товар за системот на кој припаѓа. Во спротивно, се создава опасен впечаток дека големите држави добиваат геополитичко разбирање, а малите добиваат само морални лекции, а тоа е најкраткиот пат кон губење на довербата во самиот евроатлантски проект.
И за крај, веројатно и Директорот на Институт за стратегиски и безбедносни студии, со оглед на неговата доскорешна историја на добронамерни укажувања, анализи, но и залагања за Македонија, несреќно го ставил примерот за нашата држава како одлучувачко загрозувачки за НАТО, а не мислел така.
Во секој случај, колумната на Директорот на Институтот за стратегиски и безбедносни студии, а и нашиот редакциски став во „Нова Македонија“ на истата тема (која, патем споменато нема никакви допирни точки со никаква опозиција, како што авторот Седрак ја лепи за авторот на нашиот текст), ја разбуричка јавноста и сега работите треба да се сталожат, за да се добие нова, побистра слика и со нови сили и нова добра воља, како на пример на јавната трибина што ќе се одржи на 22 мај во Порта Македонија за ова тема, да се помогне на Македонија за таа полесно да се интегрира во системи во кои, како идна членка, ќе и’ донесат сеопшт просперитет и благосостојба -во полн капацитет!
Редакција „Нова Македонија“



































