Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е изненаден и шокиран од одлуката за стопирање на случајот поврзан со набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“, но очекува предметот повторно да биде разгледан по најавената жалба од страна на АД ЕСМ.
Одговарајќи на новинарско прашање по увидот во реконструираниот дел на ГОБ „8 Септември“, Мицкоски рече дека со неверување ја примил информацијата за запирањето на постапката.
– Добро е што АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, најави дека веднаш по приемот на одлуката ќе поднесе жалба. Очекувам случајот повторно да биде вратен на разгледување и анализа – изјави премиерот.
Тој оцени дека доколку тоа не се случи, тогаш Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе го загуби својот кредибилитет.
Мицкоски повторно упати критики кон обвинителството предводено од Ислам Абази, посочувајќи дека јавноста веќе има формирано став за неговото работење.
Премиерот информираше и дека разговарал со јавниот обвинител Ненад Савески, кој, според него, му рекол дека не бил информиран за одлуката на Обвинителството за организиран криминал.
Според Мицкоски, по поднесувањето на жалбата од страна на АД ЕСМ, постои можност предметот повторно да биде вратен на анализа и преиспитување.

































